Институт за историја


Основањето и растот на Институтот за историја е дел од историјата и развојот на Филозофскиот факултет во Скопје и универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а тоа е пак во директна врска со создавањето и развојот на македонската држава. Една од задачите на властите во младата македонска држава било организирањето на просветниот живот воопшто, а во тој контекст и на високото образование. Президиумот на АСНОМ уште во септември 1944 година го покренал прашањето за отворање на македонски универзитет. Веќе во април 1945 година е донесен закон за основање на Универзитетот, а за таа цел на 7 ноември е именувана и матична Комисија. По едногодишни организациски активности на 16 декември 1946 година во лицето на Филозофскиот факултет во Скопје започнала со работа првата македонска високообразовна институција, која всушност е основното јадро на денешниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Една од првите студиски групи на тогашниот историско-филолошки оддел при Филозофскиот факултет е групата за Историја со историја на уметност. Групата Историја со историја на уметност е основана на 3 декември 1946 година, а првите предавања се одржани на 16 декември истата година. Од денешна дистанца можеме скромно да констатираме дека визиите и очекувањата на генерациите пред нас се остварени, а Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не само што е жариште на науката и просветата во нашава земјава, туку тој е етаблирана институција во пошироки рамки.

Институтот за историја до неодамна беше единствена високообразовна институција која образува кадар за потребите на основното и средното образование. Плејадата наставници по историја во основното и средното образование во нашава земја се дипломци на нашиот институт. Покрај тоа, Институтот за историја до пред една деценија беше единствена институција што едуцира стручни кадри за историската наука. Првиот докторат на Институтот за историја е одбранет во 1958 година од страна на Христо Андонов Полјански. Од 1971 година на Институтот за историја функционираат постдипломски студии, кои всушност се први такви студии на Филозофскиот факултет. Досега на нашиот Институт се одбранети 156 магистерски тези и 108 докторски дисертации. Најголемиот дел од овие научни работници потекнуваат, работеле и работат во земјата, но меѓу нив значителен број се од странство, па дури и од Кина.

Имајќи ги предвид севкупните активности и придонесот на шепата ентузијасти од 1946 година, достоинствено може да се каже дека Институтот за историја прерасна во вистински расадник на наставен и научен кадар од областа на историските науки за сите наставни, научни и културни институции во нашава земја, но и пошироко. Едноставно, Институтот за историја е матица на македонската историографска мисла и историското образование во земјава. Покрај тоа вработените од Институтот за историја дале значаен придонес при конституирањето на Институтот за национална историја, Државниот архив на Македонија и други сродни институции во кои се собира, чува и презентира македонското културно-историско наследство.

Зад членовите на Институтот за историја стои богат творечки опус кој го сочинуваат бројни монографии, зборници на документи и огромен број на научни прилози кои се објавено во разни научни списанија во земјава и странство и зборници од научни собири. Членовите на Институтот учествуваат речиси на сите научни собири во земјава, но достоинствено ја претставуваат македонската историографска мисла и во странство. Во таа смисла членови на нашиот институт учествувале на повеќе собири и истражувачки престои во разни европски земји, па и пошироко во светот. Од друга страна на Институтот за историја гостувале професори и научни работници од повеќе земји. Откако започна практикувањето на кредит трансфер системот, на институтот се појавија и првите студенти од европските земји (Холандија, Полска, Словенија, Хрватска, Бугарија), па дури и од Јапонија.

Кога се зборува за ангажманот на наставниците од Институтот за историја, треба да се нагласи и нивниот придонес во креирањето и развојот на наставните програми по историја за основно и средно образование, како и нивното учество во подготвувањето на учебници и други наставни помагала.

Повеќе членови од Институтот за историја на разни нивоа зеле активно учество во управувањето на Филозофскиот Факултет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но и други општествени должности. Од редовите на Институтот за историја произлегол еден ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (Христо Андонов Полјански), потоа првата жена проректор (Славка Фиданова), двајца декани на Филозофскиот факултет (Димче Коцо и Методија Соколовски), неколку продекани, тројца академици (Љубен Лапе, Димче Коцо и Стјепан Антољак). Повеќе членови на Институтот за историја за своите остварувања се добитници на разни државни награди и други општествени признанија, а во тој контекст и самиот Институт е добитник на награда „Гоце Делчев“.

Низ својот развој Институтот за историја поминал низ повеќе организациски трансформации, постојано усовршувајќи ги наставните програми согласно трендот и потребите на времето. Од 2000/2001 учебна година, започнува да се реализира и наставната програма за групата Историја со архивистика. Денес на Институтот се реализираат акредитирани студиски програми од прв, втор и трет циклус.

Институтот за историја е носител на студиските програми по Историја и Историја со архивистика.

Професори


Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Вонреден професор
Faculty member
Вонреден професор

Координатор за ЕКТС / Библиотекар:




  • Илина Смоковска


  • виш соработник за библиотечно работење


  • тел: 3116 520 локал: 223


  • e-mail: ilina@fzf.ukim.edu.mk