Меѓународна соработка


Меѓународната соработка на Филозофскиот факултет несомнено произлегува од резултатите кои Факултетот ги остварува во својата наставно-научна работа. Меѓународната димензија на факултетот датира уште од неговите почетоци, преку учество на вработените на гостински предавања, студиски престои, специјализации, меѓународни научни собири, кои покрај оние во универзитетските центри во поранешната СФРЈ, биле реализирани и во голем број на држави од Европа и САД. Првиот Декан во пост-воена Македонија, проф. д-р Михаил Петрушевски, вложил големи напори за науката во Македонија да добие меѓународен белег. Во 1950 година започнува со издавање научното списание Жива Антика, кое има меѓународен карактер и кое се дистрибуира во повеќе од 200 библиотеки во светот. Во периодот 1960-1980 година, голем број прочуени имиња од хуманистичките и општествените науки одржале предавања на Филозофскиот факултет, меѓу кои Лудвид Ландгребе од Келн (во 1960 год.), Бернард Филипс од Бостон (во 1963 год.), Анри Лефевр од Париз (во 1971 год.), Јунаш Кучињски од Варшава (во 1972 год.), Зигрид Шмит од Билефелд (во 1979 год) и многу други. Во овој период, односно од 1979 година, започнува и соработката на Филозофскиот факултет преку Институтот за социологија со Јагиелонскиот универзитет од Краков, Полска, која и ден денес се одржува и претставува значен сегмент на меѓународната мобилност меѓу двете институции.

Глобалните влијанија во општеството и зајакнувањето на информатичко-комуникациските технологии, ја зајакнаа вмреженоста на факултетот во меѓународните истражувачки мрежи, истражувачките конзорциуми и програмите за меѓународна универзитетска мобилност. Како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Филозофскиот факултет е членка на академските мрежи UNICA, ERA, CEEPUS, EUA, IAU, UNI-ADRION и има учествувано во мрежите на Erasmus Mundus: Basileus, JoinEUSEE, Eraweb and Euroweb.

Со текот на годините меѓународното портфолио на факултетот се зајакнува преку учеството во меѓународни научно-истражувачки мрежи. Во 2014 година, Филозофскиот факултет преку Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” станува носител на UNESCO chair за интеркултурни студии и истражувања. Од 2018 година, Центарот за интегративна биоетика при Филозофскиот факултет во Скопје, стана членка на одделот на меѓународната мрежа на UNESCO Chair of Bioethics (Haifa). Од 2019 година, факултетот е дел на регионалниот огранок за Западен Балкан на истражувачката мрежа за дигитални истражувања во хуманистичките и општествените науки – DARIAH (Digital Research Infrastructure for the Arts and Humanities).