Институт за семејни студии


Институтот за семејни студии е најновиот член на Филозофскиот факултет. Формиран е во 2014-тата година како дванаесетиот институт на нашиот Факултет. Филозофскиот факултет е пионир во специјализираното проучување на семејството. Студиската програма по семејни студии е права програма од ваков тип на Балканот. Група професори, визионери ја формираа оваа студиска програма по примерите на долгогодишната традиција на   факултетите во Европа, Америка, Канада и Австралија. Во академската 2014/15 се запишаа првите студенти по семејни студии.

Главната мисија на Институт за семејни студии е да го проучи семејството од сите негови аспекти, да ги истражи сите чинители на влијание врз семејството и да образува квалитетни кадри кои ќе работат на подобрување на квалитетот на животот преку остварување, интеграција, примена и ширење на знаењето за животниот циклус, човековиот развој, односите, семејствата и заедниците и нивното значење во поширок социјален контекст.

Семејните студии се фокусираат на добросостојбата и здравиот развој на индивидуите и семејствата во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи ги и динамичните односи во семејството и со пошироките општествени институции. Се изучуваат  различните аспекти од општествениот живот и како тие влијаат на семејствата. Додипломските студии вклучуваат изучување на теорија, истражувања и практики како и нивно применување во развојот на индивидуите во контекст на семејствата во социјалните системи. Во основа, станува збор за мултидисциплинарен пристап кој се заснова врз социологијата, психологијата, човековите права, здравството, економијата и други области.. И покрај тоа што го препознаваат коренот во овие дисциплини, семејните студии пронаоѓаат уникатен начин да го проучат семејството како  биолошка, социјална, економска, правна и политичка единка и нејзино менување и прилагодување кон промените.

Во 2016 година, Институтот се здоби со своја библиотека. Библиотеката за семејни студии е опремена со повеќе компјутери и голем број книги со содржини за семејството, бракот и родителството. Место каде што студентите редовно се среќаваат, учат и се дружат. Во мај 2019 година, беше објавено првото студентско списание на студентите од семејни студии “Vox”.

Институтот за семејни студии, секоја година го одбележува меѓународниот ден на семејството 15-ти мај. Традиционално, Институтот посветува недела на семејството во рамките на која се организираат голем број работилници, дебати и хуманитарни базари со цел да се подигне свеста за значењето на семејството во нашето општество. Овие активности се секогаш поддржани од студентите на семејни студии. Минатата година, на Меѓународниот ден на семејството, Институтот за семејни студии одбележа пет години јубилеј од неговото постоење.

Хуманоста е главно обележје на Институтот за семејни студии. За време на неговото постоење беа организирани годишни хуманитарни базари на тема “На секое семејство му е потребна поддршка”, а собраните средства беа донирани на ПОУ “Иднина”, како и неколку хуманитарни акции за помош на семејства од ранливи категории. Институтот и во иднина планира да ја продолжи оваа пракса и со свој придонес да помогне на што поголем број семејства.

Институтот за семејни студии и неговиот наставен кадар ја темелат својата образовна програма на три главни компоненти: теоретска настава и проверка на истата, индивидуални и групни истражувачки проекти и вонакадемски активности (неформално и информално учење). Освен предавањата, вежбите и полагањето на испитети, студентите се вклучени во истражувачки и практични активности организирани од Институтот. До сега Институтот за семејни студии организирал посети на државни и приватни образовни, здравствени и културни институции, гостински предавања, пракса, волонтерски активности на студентите, промотивни настани итн. Институтот има остварено соработка со повеќе институции и организации кои директно или индиректно работат со семејства или ги креираат семејните политики.

Имајќи предвид дека дигиталниот свет е реалноста на 21-от век и со цел доближување на содржините поврзани со семејните студии до студентите и пошироката јавност, во 2015-та година беше креирана фејсбук страната Институт за семејни студии – Institute of Family Studies на која секојдневно се објавуваат интересни истражувања, фотографии со мисли, видеа, прашалници, дипломирани студенти, текстови на наставниот кадар и студентите итн.

Институтот за семејни студии и во иднина ќе продолжи активно да работи на промоција на семејството како засебна научна дисциплина, и тоа, преку збогатување на студиската програма со втор и трет циклус студии, како заложби за формирање Национален семеен истражувачки центар и воведување на семејната едукација во сите фази од образовниот процес.

Институтот за семејни студии е носител на студиската програма по Семејни студии.

Професори


Faculty member
Вонреден професор
Faculty member
Вонреден професор

Координатор за ЕКТС / Библиотекар




  • Елена Чекова


  • помлад соработник за библиотечно работење


  • тел: 3116 520 локал: 156


  • e-mail: elena.chekova@fzf.ukim.edu.mk