Институт за специјална едукација и рехабилитација


Подготовките за обезбедување на високообразовна институција во Република Македонија за оспособување на дефектолошки кадри започнаа при крајот на 1991 година од страна на Сојузот на дефектолозите на Македонија и Заедницата на инвалидските организации. Работна група изготви елаборат со предлог за отворање на дефектолошки студии на Скопскиот универзитет; елаборатот беше доставен до Владата на Република Македонија и до Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. По стручните разговори помеѓу претставниците на Филозофскиот факултет во Скопје, на чело со Деканот проф. д-р Трајан Гоцевски, и претставниците на Сојузот на дефектолозите на Македонија, на чело со проф. д-р Љупчо Ајдински, во тоа време професор на Дефектолошкиот факултет во Белград, како и со големото разбирање на тогашниот Ректор на Универзитетот д-р Томислав Чокревски и тогашниот Министер за образование д-р Димитар Бајалџиев – на 1 октомври 1993 година Советот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” донесе одлука за отпочнување на дефектолошките студии на Филозофскиот факултет. Во почетокот студиите работеа како посебна насока на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет, а од 1996/97 година прераснаа во посебен Институт за дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од учебната 1998/99 година Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет во Скопје започна да организира и последипломски студии.

Следејќи ги современите текови, институтот покрена иницијатива и на седницата одржана на 2. V 2019 година проследи барање во Деканатот на Филозофскиот факултет за промена на називот на институтот. На својата редовна XX седница, одржана на 8. V 2019 година, Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје донесе одлука за промена на називот на Институт за дефектологија во Институт за специјална едукација и рехабилитација.

Специјалниот едукатор и рехабилитатор, како стручен профил, се стекнува со компетенции за едукација и рехабилитација на деца со интелектуална попреченост, оштетен вид, оштетен слух, моторни нарушувања и аутизам во редовниот воспитно-образовен систем, како и во институциите и посебните училишта, кои се трансформираат во ресурсни центри. Специјалниот едукатор и рехабилитатор е и дел од стручниот тим во детските градинки, основните и средните училишта, здравствени установи, како и во услугите од областа на социјалната заштита.

Во изминатиот период Институтот за специјална едукација и рехабилитација се сретнуваше со голем број предизвикувачки проблеми што бараа успешно решавање и ангажирањето на малиот, но секогаш со позитивна енергија исполнет колектив, успешно ги разрешуваше појавените прашања. Активностите беа особено насочени кон изготвувањето и донесување на наставни планови и програми, обезбедувањето наставен кадар за изведување на образовните цели и обврски, и обезбедувањето наставни бази за изведување на вежбите и на практичната настава.

Институтот за специјална едукација и рехабилитација организираше голем број стручни собири, кои секогаш беа подготвувани со актуелна тематика, а на нив настапуваа голем број стручни лица со свои стручно-научни трудови од земјата и од странство. Исто така, во изминатиот период членовите на стручниот тим на Институтот за специјална едукација и рехабилитација со свои трудови учествуваа на стручни собири во земјата и во странство и објавуваа свои трудови во домашни и во странски списанија.

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ во 2015 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија, во областа на воспитанието и образованието, наградата му ја додели на проф. д-р. Горан Ајдински. Ова е најзначајно признание на актуелен наставник од Институт за специјална едукација и рехабилитација.

Институтот поседува современа библиотека со богат фонд на литература. Библиотеката како заедничка просторија на наставниот кадар и студентите од овој институт, е опремена со современа техника и асистивни уреди прилагодени на студентите со попреченост. Техниката нуди можности за изработка на дидактички материјали за деца со посебни образовни потреби.

Институтот за специјална едукација и рехабилитација беше иницијатор и за воспоставување и излегување на стручно-научното списание “Дефектолошка теорија и практика”, во кое членовите на стручниот тим на Институтот за специјална едукација и рехабилитација активно учествува со свои трудови. Од почетокот на излегувањето на списанието во 1997 година, Филозофскиот факултет во Скопје е еден од неговите издавачи.

На Институт за специјална едукација и рехабилитација настава се одвива на три циклуси. На прв циклус студиисе реализира настава на студиската програма по специјална едукација и рехабилитација. На вториот циклус студии застапени се два модули Инклузивно образование и Специјална едукација и рехабилитација со насоките: интелектуална попреченост и аутизам, оштетување на слухот, оштетување на видот, моторни нарушувања и специфични тешкотии во учењето. На трет циклус студии се одвива настава по дефектологија. Досега на Институтот за специјална едукација и рехабилитација се одбранети 782 дипломски работи, 127 магистерски трудови, како и 18 докторски дисертации.

Институтот за Специјална едукација и рехабилитација е носител на студиската програма по Специјална едукација и рехабилитација.

Професори


Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор

Координатор за ЕКТС / Библиотекар




  • Славица Младеновска


  • соработник за библиотечно работење


  • тел: 3116 520 локал: 248


  • e-mail: slavica.mladenovska@fzf.ukim.edu.mk

Професори во пензија