%d0%bf%d0%be%d1%82%d1%80%d0%b5%d0%b1%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%be%d0%b4-%d1%81%d0%b5%d0%bc%d0%b5%d1%98%d0%bd%d0%b0-%d0%b5%d0%b4%d1%83%d0%ba%d0%b0%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%b2%d0%be-%d1%80%d0%b5%d0%bf

Потребата од семејна едукација во Република Северна Македонија
Висока свесност за семејната едукација и ограничена достапност на програми се
меѓу главните наоди на научноистражувачкиот проект „Потребата од семејна
едукација во Република Северна Македонија“. Проектот го реализираше
Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, под
раководство на проф. д-р Ангелка Кескинова, во соработка со ЈУ Завод за
социјални дејности – Скопје.
Истражувачкиот тим ја испита улогата на семејната едукација во унапредувањето
на комуникацијата, партнерските односи и родителските вештини, како и во
навременото препознавање и надминување на семејните конфликти. Посебно
внимание беше посветено на поддршката за парови во ризик од развод, лица во
постапка на развод и разведени лица.
Што покажа истражувањето?
Истражувањето опфати анкети со 514 испитаници од општата популација и со 50
лица во постапка на развод или веќе разведени. Тимот спроведе и интервјуа и
фокус-групи, анализираше податоци од сите 29 центри за социјална работа за
периодот 2020–2023 година, мапираше 20 институции и организации и обработи
пет студии на случај.
Меѓу анкетираните од општата популација, 85,99% покажале основна свесност за
семејната едукација, а над 73% изразиле позитивен став. Како главни пречки за
користење и развој на услугите се издвојуваат недостигот од достапни програми,
стигмата, недоволната информираност, ограничените кадровски и просторни
ресурси и слабата координација меѓу институциите.
Анализата ја истакна важноста на раната, структурирана поддршка и на
комбинирањето индивидуална, партнерска и семејна работа. Врз основа на
наодите, тимот формулираше 13 препораки за унапредување на поддршката и
развој на достапни програми за семејна едукација во социјалниот, здравствениот и
образовниот систем.
Практикум и научни публикации
Практичните сознанија од проектот се обединети во Практикум за семејна
едукација (ISBN 978-608-238-273-9), наменет за стручни лица кои работат со
семејства. Практикумот беше објавен и промовиран на 27 октомври 2026 година,
на завршен настан со 50 учесници. Како дополнителен ресурс е достапен и
дигитален асистент со вештачка интелигенција.
Резултатите од проектот беа претставени на две меѓународни конференции.
Достапни се три публикации:

 Труд во научно списание
 Труд во конференциски зборник – DOI 10.33422/iachss.v3i1.1942
 Труд во конференциски зборник – DOI 10.33422/icshe.v3i1.2025