Институт за историја

д–р Стјепан Антолјак

Професорот Стјепан Антолјак е роден на 29 август 1909 година во Добој. Основно училиште посетувал во Увц и Сараево, реална гимназија во Сараево и Винковци, класична во Загреб, а студии по историја на Филозофскиот факултет во Загреб. Во (1934) бил избран за асистент дневничар на Филозофскиот факултет во Загреб, Катедрата за историја. Следната година одбранил дисертација под наслов „Далмација и Венеција на прелиминарите во Леобен и мирот во Кампо – Фарми“. По положениот државен испит на Универзитетот во Белград (1938) стекнал звање асистент – приправник. Во (1936) е промовиран за доктор на филозофија, откако му била отпечатена докторската дисертација на сопствен трошок. Во (1941) од банот на Хрватска Бановина бил поставен за универзитетски доцент по предметот Хрватска историја на новото време на Катедрата за историја и со тоа звање останува до (1946). Есента (1946 – 1952) бил поставен за директор на Државниот архив во Задар. Следната година бил избран за научен соработник и како таков преминал во државниот архив во Риека каде останал до (1956). На покана на Филозофскиот факултет во Скопје преминува во оваа наставно – научна институција во која бил избран за вонреден професор. Од (1960) е редовен професор по историја на народите на Југославија – среден век. По земјотресот во Скопје (1963) со семејството се преселува во Приштина и предава на новоотворениот Филозофски факултет во Приштина како хонорарен работник, а на Филозофскиот факултет во Скопје и понатаму предава како редовен професор во редовен работен однос. Во (1969) повторно се враќа во Задар каде бил избран за редовен професор по општа историја на среден век, со што Одделението за историја добива за првпат редовен наставник по тој предмет. Покрај општа историја на Филозофскиот факултет во Задар, предава и Хрватска историја на средниот век и помошни историски науки, проширени со нови предмети. Од (1979) е во пензија и поради семејни причини се преселува во Загреб. Професорот Антолјак влегол во науката млад, на 24 годишна возраст. За време на долгогодишната истражувачка дејност објавил голем број стручни и научни трудови, прикази, рецензии, статии, расправи, студии и книги, печатени во околу педесет различни периодични публикации во земјата и странство. Трудовите на професор Антолјак се темелат врз архивска граѓа која со десетолетија ја собирал во бројните архиви и библиотеки во земјата и странство.