Институт за историја

д–р Воислав Кушевски

Проф. д-р Воислав Кушевски е роден на 28 јуни 1921 година во с. Тработиште, Делчевско во учителска фамилија. Семејната трагедија го одвела во тогашната престижна скопска учителска школа, која ја завршил во предвечерјето на Априлската војна, 1941 година. Во август 1944 година се приклучил во редовите на македонската народноослободителна војска. Во 1946 година година го завршил едногодишниот курс за предавачи (во ранг на идната ВПШ) за историја и географија. Во октомври истата година станал наставник во скопското средно економско училиште. Во 1949 година со одлука на Министерството за просвета на НР Македонија, поставен е за инспектор по историја во средните училишта каде со мали прекини се задржал до 1959 година. Во меѓувреме бил директор на струмичката гимназија „Јане Сандански“ (1952), на средната фискултурна школа во Скопје (учебна 1952/53) и предавач на ВПШ „Климент Охридски“ во Скопје (1953). Како асистент на Филозофскиот факултет во Скопје, бил ангажирен во 1959 година по предметот Општа историја на новиот век, додека во 1961 година бил избран за предавач по предметот Методика на наставата по историја. Професорот Кушевски докторирал во 1965 година на тема: „Македонија пред Друштвото на народите“. Веднаш потоа се нижеле звањата: доцент, (1967), вонреден професор (1972) и редовен професор (1977). Треба да се истакне неговиот студиски престој во Москва (1968) на катедрата по методика за настава по историја при педагошкиот Институт „Владимир Илич Ленин“. Негов примарен научен интерес бил свртен кон методиката на настава по историја. Професорот Кушевски бил учесник на бројни научни конгреси, симпозиуми и семинари во земјава и странство. Професорот е еден основачите на Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија. Бил и негов претседател. Тој е еден од втемелувачите на списанието „Историја“. Носител е на бројни признанија, меѓу кои се извишува крупното републичко признание, Наградата „Климент Охридски“ за 1975 година. На 3 јануари 1999 година во предзорјето на третиот милениум, во утринските часови почина проф. д-р Воислав Кушевски, тивко и достоинствено исто како и неговиот живот.