Институт за историја

д–р Томо Томоски

Професорот Томоски е роден во Скопје на 22.12.1915 година. Во родниот град го завршил основното и средното образование, а во 1948 година дипломирал историја на Филозофскиот факултет во Љубљана. Од1946 до 1948 година тој е ангажиран како предавач по историја во првото квалификувано училиште на македонски јазик –Школа за народни учители „Никола Карев“, подоцнежна Учителска школа во Скопје. Во исто време бил ангажиран за изведување настава во по историја и во специјална паралелка (за инвалиди од војната) при Учителската школа (1947), во Работничката гимназија (1948) и на Вишата педагошка школа (1947-1949). Ги вложувал своите интелектуални сили и способности и покрај тешките услови за работа, дал огромен придонес во изградувањто на првите учителски кадри неоходни за ширење на македонската реч, писменост, просвета и историја. Поради покажаните резултати во наставничката дејност како истакнат историчар-педагог во 1948 година бил поставен за прв инструктор, односно, инспектор за настава по историја во Министерството за просвета на НРМ. Во 1949 година бил избран за асистент по историја на Филозофскиот факултет во скопје, една година подоцна унапреден во звање предавач по предметот општа историја на средниот век. Во почетокот на 1958 година ја одбранил својата докторска дисертација на тема: „Средновековните градови во нашите клисури“ и истата година бил избран за доцент. Во 1963 година бил избран за вонреден професор, а за редовен професор во 1970. Во тоа звање останал до пензионирањето во 1983 година. Научниот опус на Томоски опфаќал голем број научни и стручни трудови цитирани во земјава и странство. Тој бил еден од авторите на капиталното дело „Историја народа Југославија“ (1953), и тритомната „Историја на македонскиот народ“ (1969), „Историја на македонскиот народ“ на руски јазик во издание на МАНУ, учествуувал и во подготовка на капиталниот труд „Енциклопедија Југославије“, бројни монографии, прилози. Учестувал на бројни симпозиуми, научни средби, семинари и други научни собири. Тој бил еден од основачите на списанието „Историја“ и афирмација на „Годишниот зборник на Филозофски факултет во Скопје“, „Жива антика“ и „Културно наслетство“. Во два мандати бил продекан на Филозофскиот факутет и шеф на Катедрата за историски науки. Добитник е на повеќе награди меѓу кои „Климент Охридски“ (1976) и „Гоце Делчев“ (1999). На 3 мај 2004 година замина во вечноста во 88-та година од животот. Замина тивко и достоинствено, онака како што живееше и твореше. Неговот вредно дело обезбеди трајно место меѓу великаните на македонската историографија.