Институт за историја

д–р Славка Фиданова

Професорката Славка Фиданова е родена на 1 февруари 1920 година во Тетово. Основно и средно образование завршува во родниот град. Во учебната 1938/1939 година се запишала на Правниот факултет во Белград. Уште во средношколските денови се приклучува во младинското движење и по пристигнувањето во Белград активно се вклучува во напреднатото студентско движење на Белградскиот универзитет. Учестува во одбрана на автономијата на Универзитетот и други протести и демонстрации организирани од КПЈ и СКОЈ во Белград. Во тие немирни години по избивањето на Втората светска војна, неможела да остане подолго време во Белград и да ги заврши студиите. За неа најважна била партиската работа. Учесник е во народноослободителната борба и Народната револуција. Во 1949 година ја завршила средната партиска школа во Скопје и станала да работи како наставник во истата школа и предавала Политичка економија и Историјана меѓународното работничко движење. Во 1952 година се запишала како редовен студент на Групата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје, дипломирала во 1957. До 1960 година работи како просветен советник при Заводот за школство во Скопската околија. Во 1960 година е избрана за на катедрата по историја како асистент, потоа предавач по предметот Најнова историја на народите на југославија 1918-1945 година. Во 1969 година магистрирала и истата година е избрана за доцент, а во 1974 година за вонреден професор и во 1979 година редовен професор. Професорката Фиданова била член на повеќе стручни тела. Била приклучена во изготвување и реализација на проекти за пишување историја на КПЈ-СКЈ и КПМ-СКМ. Автор е на голем број на реферати на повеќе конгреси и симпозиуми организирани во СРМ и СФРЈ. Сите нејзини трудови се базирани на изворна архивска документација и богата литература. Токму поради сето ова нејзините трудови претставуваат значаен придонес за македонската историграфија.