Институт за психологија
Институтот за психологија е првата високообразовна институција во земјава која почнала да овозможува стекнување стручно звање дипломиран психолог. Наставниците од Институтот секоја година, од основањето до денес, едуцираат десетици студенти – идни психолози, од кои голем број потоа стануваат многу успешни во својата професија.
Идејата за основање на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје како самостојна наставно-научна единица постои од шеесетите години на минатиот век. Според достапните архивски податоци, во два наврати, на 14 јануари 1969 година и потоа на 20 февруари 1973 година оваа идеја е разгледана на седници на наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет, на иницијатива на проф. д-р Ристо Ѓорѓевски, кој е воедно и првиот шеф на Катедрата за психологија. Првиот наставен план за студиите по психологија е изготвен во 1974 година, а од учебната 1974/75 година тогашната Катедра за психологија, а денес Институт за психологија, ја почнува својата наставно-научна дејност.
Наставно-научно студиската група за психологија ja започнува својата работа со еден редовен професор, еден доцент, еден предавач и тројца асистенти. Во втората година од постоењето на Групата, 1976 година ce примени асистентите Ружица Керамичиева и Илина Тодорова; 1977 година Мирослава Николовска, 1978 година Линка Ќостарова-Унковска. Овие асистенти, како и асистентот м-р Благоја Јанaков примен 1988 година, своето психолошко образование го оформуваат на Филозофскиот факултет во Белград. Другите асистенти, примени подоцна, ce успешно дипломирани студенти на Групата за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во минатото повремено на Институтот ce ангажирани истакнати стручњаци од практиката, како м-р Киро Поповски, спец. по клиничка психологија Јулка Здравковска, д-р Драгослав Копачев и други. Денес, Институтот за психологија го сочинуваат вкупно 12 наставници кои продолжуваат да го надградуваат и да го трасираат развојот на психолошката мисла во земјава. Некои од нив се подолго време вработени на Институтот, некои нешто пократко, но тоа што им е заедничко на сите е континуираното применување на неприкосновено високите критериуми за квалитет и редовност во наставата.
Кај младите генерации постои долгогодишен континуирано висок интерес за студиите по психологија. Во таа насока, студентите се најважните субјекти на Институтот за психологија. Тие се вбројуваат меѓу оние со највисоки академски постигнувања во текот на студиите на целиот Филозофски факултет, а воедно се и меѓу најквалитетните средношколци според училишниот успех кои аплицираат на Филозофскиот факултет. Многумина од нив по завршувањето на студиите бележат завидни успеси на постдипломските и докторските студии на голем број реномирани странски универзитети. Секогаш подготвени да поставуваат критички прашања, со отворен ум и желба да научат повеќе, претставуваат вистински предизвик за секој наставник кој ќе застане пред нив.
Покрај додипломските студии на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, кои траат 4 години и по чие завршување студентите се стекнуваат со 240 ЕКТС и со звањето „дипломиран психолог“, се организираат и последипломски студии во траење од една година (60 ЕКТС), како и докторски студии во времетраење од три години. Последипломските студии се состојат од магистерски студии по психологија, по чие завршување студентот се стекнува со звањето „магистер по психолошки науки“. По завршувањето на тригодишните докторски студии, докторантите се стекнуваат со 180 ЕКТС и со звањето „доктор по психолошки науки“.
Брзиот напредок на научната психолошка мисла во светски рамки, го следат и наставниците на Институтот кои континуирано ги освежуваат предметните програми со нова и современа литература, а студиската програма по Психологија на сите три циклуси редовно се обновува, за да се одржи чекор со новото време и актуелната психолошка проблематика. Членовите на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје се иницијатори и реализатори на многу проектни активности, имаат учествувано на многу домашни и странски симпозиуми, конгреси и тркалезни маси. Исто така, тие се автори на бројни статии објавени во домашни и во странски списанија и зборници, на прирачници, монографии и на учебници од различни области на психологијата. Покрај импресивниот квалитет на наставниот кадар на Институтот за психологија и на генерациите студенти по психологија, уште еден куриозитет кој го издига нашиот институт меѓу елитните институти не само на Филозофскиот факултет, туку и пошироко, а со тоа го прави и лидер во високото образование на психолошкиот кадар во државата, е големиот број водечки светски имиња на професори кои доаѓаат од највисоко рангираните светски универзитети и кои остваруваат студиски престој и/или одржуваат гостински предавања за студентите и наставниот кадар на Институтот и на Филозофскиот факултет.
Нашата мисија како Институт за психологија и една од единиците на Филозофскиот факултет, е да го продолжиме тоа што генерациите пред нас го започнале, исполнувајќи ја нашата должност кон нив и кон науката со градење на уште поквалитетна сегашност и иднина на високото образование на психолозите кај нас. Имајќи ги предвид наставно-научните достигнувања на членовите на Институтот за психологија почнувајќи од неговото формирање до денес, како и фактот дека психологијата е една од најпопуларните и мошне потребни професии во светот, веруваме дека психологијата и во нашата држава ќе го добие одамна заслуженото централно место во културно-општествениот дискурс.
Институтот за психологија е носител на студиската програма по Психологија.
Професори
Координатор за ЕКТС / Библиотекар
-
- м-р Даниела Неделкова
-
- Виш соработник за библиотечно работење
-
- тел: 3116 520 локал: 104
- e-mail: daniela.nedelkova@fzf.ukim.edu.mk