Институт за безбедност, одбрана и мир
Институтот за безбедност, одбрана и мир почна со работа во учебната 1975/76, со цел да се воспостават единствени основи за школување и усовршување на наставници по предметот ОНО. Со тоа беа поставени темелите на првата интердисциплинарна високообразовна научно-наставна институција во нашата република за воено-одбранбените и безбедносните науки; исто така, тоа во тој период имаше огромно симболичко значење и претставуваше чин со непроценлива историска, политичка, културна и образовна важност за нашата држава и нација.
Во тој период ННСГ имаше за цел да подготвува наставници за изведување на наставата по предметот Одбрана и заштита во средните училишта. Покрај тоа, за такви кадри имаа потреба и командите и штабовите на Територијалната одбрана и цивилната заштита, тогашните општествено-политички заедници, организациите на здружен труд и други. Школувањето и усовршувањето на овој профил од кадри, како и организацијата на целокупната наставна и научна дејност од областа на ОНО, ce остварувала според единствен наставен план и програма за целата тогашна држава.
За ефикасно да одговори на сите современи предизвици кои во целост го променија општествениот, политичкиот, економскиот, безбедносниот и образовен амбиент, Институтот во 1995 година изврши значајни структурни промени и се преименува во Институт за одбрана. Новите мултидисциплинарни наставни програми и севкупниот научен потенцијал се ставија во профилирање на кадри за новото време. Нашите кадри во целост одговорија на барањата на самостојна Р. Македонија во фазата на нејзиното безбедносно осамостојување и конципирањето на современ ефикасен систем за национална безбедност компатибилен со ситемите на државите членки на НАТО и ЕУ.
По конфликтот од 2001 година и големиот број други сериозни промени во непосредното безбедносно опкружување, се наметна потребата за ново редизајнирање на студиските програми и за дефинирање на нови модерни и актуелни курикулуми, кои ќе претставуваат солидна основа за едуцирање на кадри во областа на мировните студии и за научни истражувања на конфликтите и за нивното справување и управување. Оттука во 2002 година Институтот за одбрана се преименува во Институт за одбранбени и мировни студии со дефинирани и верификувани студиски програми на европско и светско ниво. Според новиот концепт на научно-образовна поставеност. Во учебната 2009/2010 година на Институтот за одбранбени и мировни студии стартуваше и новата студиска програма за прв циклус на студии за насоката безбедност со што Институтот ја комплетираше својата комплексна дејност во трите значајни научни сфери – безбедност, одбрана и мировни студии. Новата трансформација неминовно ја наметна потребата за промена на називот на Институтот во Институт за безбедност, одбрана и мир.
Следејќи ги општествените промени и потребите на државата во учебната 2017/18 на Институтот стартуваше нова програма – Приватна и корпоративна безбедност, која е конципирана по европски и светски стандарди.
Денес наставата на Институтот за безбедност, одбрана и мир ја изведуваат претставници на помладата генерација професори, од кои поголемиот број се кадри од Институтот. Тоа се експерти чии трудови се препознатливи и надвор од нашите граници; експерти кои Институтот го направија да биде препознатлива и почитувана Институција и на меѓународен план. Овие кадри заедно со нивните постари колеги и професори ги изградија основите на македонската воена и безбедносна научна мисла, соодветна на националните, регионалните и на светските вредости, специфики и тенденции. Во своето досегашно работење, Институтот создаде солиден потенцијал неопходен за профилирање на компетентна експертска заедница која успешно ги истражува и разрешува проблемите на националната безбедност, како и прашањата на мирот и разрешувањето на конфликтите на теоретски и практичен план. За одбележување е и издавањето на списанието „Безбедносни дијалози“ во кое своите научни и стручни трудови ги објавуваат домашни и странски научници и експерти од областа на безбедноста, одбраната и мирот.
На Институтот за безбедност, одбрана и мир дипломирале 2252 студенти, 231 кандидати магистрирале, додека 63 кандидати се стекнале со научно звање доктори на науки. Дипломираните студенти на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје, својот професионален ангажман го остваруваат во сите институции на извршната и на судската власт на Републиката на централно и на локално ниво – нивниот ангажман првенствено се остварува во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, во АРМ, Агенција за разузнавање, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во Царината, на сите нивоа на образовниот процес, како и во останатите структури на владиниот и невладиниот сектор во државата. Nекои од дипломираните студенти на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет во Скопје активо се вклучени во определени мисии на меѓународните организации во земјата и во странство. Институтот за безбедност, одбрана и мир остварува плодна меѓународна соработка со голем број престижни институти, факултети и воени академии – членки на меѓународниот Конзорциум од оваа сфера. Исто така, значајна е и сорабоката со разни тела и органи на НАТО, ЕУ, ОБСЕ и други меѓународно и европски безбедносни организации и институции.
Кадрите на Институтот за безбедност, одбрана и мир денес претставуваат професионално јадро кое успешно се вклучи во креирањето и утврдувањето на евроатлански ориентираната одбранбена и безбедносна политика на нашата земја и станаа креатори на новиот современ и репсективен систем за национална безбедност. Тие учествуваат и присуствуваат на голем број меѓународни симпозиуми од областа на безбедносните, одбранбените и мировните студии што е мошне значајно за развиток на потенцијалните и дејноста на Институтот.
Институтот за безбедност, одбрана и мир е носител на студиските програми Безбедност, Одбрана и Мир и Приватна и корпоративна безбедност.
Професори
Координатор за ЕКТС / Библиотекар:
- м-р Лета Барџиева Миовска
- соработник за библиотечно работење
- тел: 3116 520 локал: 167
- e-mail: leta.bardzieva@fzf.ukim.edu.mk