Институт за историја на уметноста и археологија
Изучувањето на Историјата на уметноста и археологијата, како едни од фундаменталните науки за човековото битисување, на Филозофскиот факултет во Скопје започнува уште од самото негово негово основање во 1920 год. Во таа прва наставна програма биле вклучени и предметите Византологија и Археологија со Историја на старата уметност, со што се удрени темелите на проучувањата и изведување на наставно-научна дејност од областа на Историјата на уметноста и археологијата на ова тло. Шест години подоцна, во рамките на Филозофскиот факултет, е издвоен и посебен семинар за Археологија и историја на уметноста.
Непосредно по Втората светска војна, во декември 1946 год. со работа започнува Филозофскиот факултет во Скопје, како прва високошколска установа во Македонија, а во учебната 1946/47 год. во рамките на Историско-филолошкиот оддел, својата научно –образовна дејнот ја започнува и студиската група за Историја со историја на уметноста. Прв професор кој ја започнува наставата од областа на историја на уметноста е професорот Димче Коцо, преку предметите Национална уметност и Општа историја на уметноста.
Со растежот и развојот на Филозофскиот факултет во следните 3 децении, се јавува и потребата за издвојување на посебна студиска програма која преку која ќе се изучуваат Историјата на уметноста и археологијата, па во учебната 1973/74 год. со работа започнува наставно научната студиска група за Историја на уметноста со археологија. Потребата од основање на една ваква студиска група ја потврдува и фактот што во првата учебна година се запишале дури 150 студенти.
Потребата од унапредување на наставно-научниот процес на почетокот на овој милениум резултираше со издвојување на две насоки во рамките на Институтот за Историја на уметноста и археологија, насока Историја на уметност и насока Археологија. Од 2004/5 година наставата на двете насоки на Институтот за историја на уметноста и археологија се изведува според Европскиот кредит-трансфер систем, со континуирано менување и збогатување на студиските програми со нови научни содржини. Институтот за историја на уметноста и археологија денес на студентите им нуди студиски програми на прв, втор и трет циклус студии, преку кои можат де се стекнат со звањата Дипломиран историчар на уметноста или Дипломиран археолог, како и магистер и доктор по Историја на уметноста или Археологија.
Поранешните и сегашните членови на овој Институт објавиле стотици монографии и илјадници научни трудови во меѓународни и домашни списанија, учествувале со свои предавања на илјадници научни Конгреси и Симпозиуми ширум светот, оствариле студиски престои и предавања на голем број од највисоко рангираните светски универзитети, а се редовни учесници и на речиси сите домашни научни собири и активни учесници во севкупниот културен живот во Македонија.
Во овие изминати 100 год. од почетокот на научно-образовната дејност од областа на Историјата на уметноста и археологијата до денес, десетици професори оствариле извонредни научни и општествено значајни достигнувања, за што добиле и значајни меѓународни и домашни признанија и награди. Академик Димче Коцо е добитник на Награда на владата на НРМ за 1959 година и наградата 11 Октомври. Академик Блага Алексова, добитник е на наградите Гоце Делчев, 11 Октомври, 8 ноемвриска награда на градот Штип, а одликувана е со Орден на трудот со златен венец. Академик Цветан Грозданов , добитник на голем број домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои ги издвојуваме: Награда 13 ноември на Град Скопје и Награда 13 ноември на град Охрид. награда за научни остварувања Гоце Делчев; одликување (медал) Марин Дринов од Бугарската академија на на науките, која го бира и за почесен доктор на историските науки; Сина лента за на 6. тиот конгрес за балканологија и Југоисточна Европа, орден Св. Владимир Велики од Синодот на Руската православна црква и др. Академик Вера Битракова Грозданова, добитник на престижната Хердерова награда од Виенската Академија и државните награди Гоце Делчев и Св. Климент, како и бројни домашни и меѓународни признанија. Проф. Борис Петковски е добитник на наградата 11октомври, 13 ноемвриска награда на град Скопје, медал за работни заслуги од СФРЈ и др. Проф. Петар Миљковиќ Пепек е добитник на наградите 11 Октомври и 13 Ноември, Хердеровата награда од Виенската Академија и повеќе медали и признанија. Проф. д-р Иван Микулчиќ, добитник на 13 номвриска награда на град Скопје. Добитници на државната награда Св. Климент се и Проф. д-р Елица Манева и проф. д-р Драги Митревски.
Во изминативе 100 години, како дел од Филозофскиот факултет, професорите и соработниците кои се занимаат со проучување на историјата на уметноста и археологијата, реализирале стотици научни проекти и истражувања, домашни и меѓународни, преку кои допринеле и сеуште допринесуваат во проучувањето, заштитата и афирмација на културното наследство на Македонија ширум светот. Како резултат на овие истражувања денес имаме музеи и галерии богати со уметнички дела и артефакти од сите периоди на човековото постоење, сведоштва за огромното културно и уметничко богатство на ова тло.
Во чест на највозрасните членови на Институтот, од 2006 година Институтот за историја на уметноста и археологија, како член на Филозофскиот факултет во Скопје, го издава списанието Fоlia Аrchaeologica Balcanica, од кое веќе се отпечатени 4 броја.
Во рамките на Институтот за историја на уметноста и археологија функционира и Археолошката музејска збирка со преку 2000 артефакти, преку која студентите можат непосредно да се запознаат и да работат на проучување на артефакти од сите периоди на човековото постоење.
Институтот за Историја на уметност и археологија е носител на студиските програми по Историја на уметност и Археологија.
Професори
Координатор за ЕКТС / Библиотекар
- Зоран Мирчевски
- тел.: 3116 520 локал: 222
- e-mail: zoran.mircevski@fzf.ukim.edu.mk
Професори во пензија