Институт за социологија
Институтот за социологија е формиран 1975 година како Наставно-научна студиска група за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, а во октомври истата година за прв пат во Македонија започнуваат додипломските студии по социологија. Особен придонес за формирањето на Институтот за социологија (во тоа време Научно-студиска група за социологија) на Филозофскиот факултет – Скопје, а со тоа и за институционализирање на социологијата во Македонија, имаат почитуваните колеги проф. д-р Десанка Миљоска, проф. д-р Блага Петроска, која била и прв раководител на Институтот за социологија и проф. д-р Петре Георгиевски. Тие заедно со проф. д-р Марија Ташева и проф. д-р Ѓорѓе Младеновски, тогаш асистенти, се реализатори на првата наставна програма на студиите по социологија.
Целта на студиите по социологија е создавање кадар – социолози кои ќе го проучуваат општеството во сите негови аспекти, како и современите тенденции на неговиот се подинамичен развој. Оваа цел се негува од почетокот на студиите па се до денес и е операционализирана во наставните планови на студиите од првиот во 1975 година до најновиот од 2018 година. Со совладувањето на посебните предмети, од општо теориска, методолошка и специјалистичка природа, студентите ги усвојуваат најрелевантните научни содржини и вештини со што се оспособуваат за: изведување на наставата по социологија и извршување на задачите на социолог – стручен соработник во средните училишта; за самостојно истражување на нашата сложена, противречна и динамична општествена стварност. При конципирањето на студиските програми, покрај состојбите и потребите на македонското општество, се имаат предвид современите тенденции и достигнувања во социолошките науки во соседството, но и пошироко на европско и светско рамниште.
Наставата по социологија на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје се одвива на прв, втор и трет циклус на студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС).
Студиите на прв циклус (додипломски студии) траат 4 години или 8 семестри и имаат 240 ЕКТС кредити. Додипломските студии се организирани во 6 модули: население и одржлив развој, политика и комуникации, европски интеграции, истражување и анализа, култура и социологија на етничките групи, а завршниот испит е одбрана на дипломски труд. Со дипломирањето студентот се стекнува со звањето дипломиран социолог.
Студиите на втор циклус траат една година или два семестри, имаат 60 ЕКТС кредити и студентите можат да изберат помеѓу понудените три насоки: култура и религија, економија и развој на човечки ресурси, современо македонско општество. Завршниот испит е изработка и одбрана на магистерски труд со што студентот се стекнува со звањето магистер по социолошки науки.
Институтот за социологија нуди уште едни студии на втор циклус: европски студии за интеграција кои што, исто така, траат една година или два семестри и носат 60 ЕКТС кредити. И овде завршниот испит е изработка и одбрана на магистерски труд, а со успешното завршување на студите студентите се текнуваат со звањето магистер по европски студии за интеграција.
Студиите на трет циклус на Институтот за социологија се интегрален дел од Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тие траат 3 години и носат 180 ЕКТС кредити. Со завршувањето на овие студии студентите се стекнува звањето доктор од подрачјето на општествените науки од полето социологија.
Покрај наставната дејност, на Институтот за социологија се реализирани голем број научно-истражувачки проекти од кои се од фундаментално значење за македонската наука и општество, како на пример:„Социолошки аспекти на етничкиот соживот во Република Македонија“ (1993-1997, раководен од проф. д-р Марија Ташева), „Проблемите на иселениците од Македонија – семејниот живот на македонските иселеници во Канада и нивниот етнички идентитет“ (1995-1996, раководен од проф. д-р Блага Петроска), „Промените во општествената структура во Република Македонија со посебен осврт на високото образование“ (1995-1998, раководен од проф. д-р Петре Георгиевски), „Македонското општество во транзиција“ (1995-1997, раководен од проф. д-р Илија Ацески), „Европските вредности кај граѓаните на Република Македонија“ (раководен од проф. д-р Антоанела Петковска), како и меѓународниот научно-истражувачки проекти како “European Values Study” – „Европско истражување на вредности“ (2008-2012, 2017-, раководен од проф. д-р Антоанела Петковска).
Институтот за социологија е носител на студиската програма по Социологија.