Институт за филозофија


Филозофијата – како најстара и како темелна дисциплина на општествените и на хуманистичките науки – е поставена во основите на развојот на нашата Alma Mater, на нашиот Филозофски факултет. Оттаму, може со сигурност да се тврди дека од самите почетоци на Филозофски факултет во Скопје – филозофијата е во неговите фундаменти, а за тоа недвосмислено говори и самото име на факултетот.

Впрочем, во објавата за почетокот на уписот на студенти на Филозофскиот факултет од 1 ноември 1920 година, прецизно се набележуваат дисциплините кои што ќе бидат застапени: „Запишувањето на овој факултет ќе започне на 15 ноември оваа година. Засега ќе се предаваат следните предмети: книжевност, лингвистика, историја, филозофија и педагогија.“ Од ова се гледа дека филозофијата (зедно со историјата и педагогијата) од самите почетоци се составен дел на Филозофскиот факултет во Скопје. Затоа не е случајност што овие дисциплини се во основите на нашиот факултет меѓу двете светски војни и затоа при неговото повторно основање по војната, но сега за првпат на македонски јазик и во македонска држава во рамките на тогашната југословенска федерација, овие дисциплини (катедри) повторно се во темелите на нашиот факултет.

Институтот за филозофија својата работа во 1946 година ја започнува како Катедра за филозофија и педагогија, за набргу потоа од учебната 1949/50 година овие две дисциплини да започнат да дејствуваат како самостојни и одделни катедри. Во текот на сите овие години, од основањето до денес, Институтот за филозофија доживува огромен развој, повеќепати проширувајќи ја и продлабочувајќи ја својата студиска програма и постојано зголемувајќи го бројот на филозофските дисциплини што се изучуваат. При сето ова клучен пристап во градењето на високите вредности на нашиот институт е принципот на извонредност, зашто квалитетот а не квантитетот е она што низ децениите на постоење на Институтот за филозофија се препознава како негов клучен белег.

Постдипломските студии по филозофија започнуваат со работа од 1980 година а докторските студии се воведуваат веднаш по нивното воведување и на УКИМ. Во рамките на Институтот за филозофија од 1960 година е формирана и „Естетичката лабораторија“ која станува клучен двигател на теориско-уметничката дејност од средината на 70-те и почетокот на 80-те години на минатиот век, за што ја добива и наградата „13 Ноември“ на град Скопје. Од 2018 година формиран е и „Центарот за интегративна биоетика“ кој веднаш развива широка меѓународна дејност.

На нашиот Институт, предавања одржале голем број светски познати филозофи од кои спомнуваме само неколкумина: Анри Лефевр (Париз), Лудвиг Ландгребе (Келн), Микел Дифрен (Париз), Зигфрид Шмит (Билефелд), Стивен Прист (Оксфорд) итн. Професори од нашиот институт, пак, држеле предавања на голем број познати универзитети во земјава и во странство.

Долгата историја на Институтот за филозофија бележи дека како студенти и како професори на оваа институција се јавуваат голем број наши врвни научни и образовни дејци. Од поранешните професори што предавале и што оставиле особени траги во филозофијата кај нас се и основоположниците на македонската филозофија: проф. д-р Јонче Јосифовски (прв дипломиран студент на нашиот институт од 1950/51 година и поранешен продекан на ФФ), проф. д-р Митко Илиевски (поранешен продекан на ФФ) и академик Георги Старделов (поранешен декан на ФФ и претседател на МАНУ).

Сепак, особен белег врз работата на Институтот за филозофија остава и следната генерација наставници: проф. д-р Ферид Мухиќ, проф. д-р Кирил Темков, проф. д-р Коле Јовановски, проф. д-р Виолета Панзова, виш предавач Стојан Јордановски, проф. д-р Љубомир Цуцуловски, проф. д-р Мирко Ѓошевски, проф. д-р Вера Георгиева и проф. д-р Олга Пешевска Заревска. На нашиот институт неколку години како асистентки работат д-р Кица Барџиева, д-р Анета Марковска и м-р Вера Хаџи Пуља, а како наставник и проф. д-р Иванчо Атанасовски. До оформувањето на институтите за психологија и социологија, наставници и соработници на Катедрата за филозофија ce: д-р Десанка Миљовска, д-р Ристо Ѓорѓески, д-р Блага Петроска и д-р Горѓе Младеновски.

На катедрата за филозофија дипломирале и голем број прочуени македонски теоретичари и писатели (академик Димитар Митрев, академик Ацо Шопов, Томе Момировски), како и научници кои покрај филозофија завршиле и докторирале на други факултети: академик Јордан Поп Јорданов (електротехника), академик Витомир Митевски (класична филологија), проф. д-р Благоја Вељановски (физика). Филозофија завршиле, но потоа докторирале во други дисциплини од областа на хуманистичките и на општествените науки и поголем број наши колеги кои подоцна станале дел од други иститути, факултети или универзитети: проф. д-р Димитар Димитров, проф. д-р Сејфедин Сулејмани, проф. д-р Коста Костов, проф. д-р Нелко Стојановски, проф. д-р Ѓорѓе Младеновски, проф. д-р Радомир Виденовиќ, проф. д-р Илија Ацевски, проф. д-р Слободанка Марковска, проф. д-р Емилија Симовска итн. На Институтот за филозофија со образование се стекнале и поголем број наши министри, пратеници и амбасадори, како и голем број истакнати новинари, културни и општествени дејци и, секако, средношколски професори.

На Институт за филозофија професори биле и личности кои се членови на повеќе странски академии: академик Павао Вук Павловиќ (ЈАЗУ), академик Душан Недељковиќ (САНУ), академик Абдулах Шарчевиќ (АНУБиХ), академик Ферид Мухиќ (БАНУ). Професори, исто така, биле и неколку врвни филозофи од просторите на поранешна Југославија: проф. д-р Живорад Радовиќ, проф. д-р Богдан Шешиќ и проф. д-р Загорка Миќиќ.

 Наставниците на Институтот за филозофија се ментори и членови на комисии за изработка и оцена на голем број докторски и магистерски трудови одбранети на нашиот и на други институти на ФФ, но и на други факултети надвор од земјава. Во рамките на Институтот ce реализираат и голем број самостојни научно-истражувачки проекти, а во континуитет секоја година се организираат или се коорганизираат неколку меѓународни и домашни научни симпозиуми од областа на филозофијата: тематскиот симпозиум во рамките на Светскиот ден на филозофијата, симпозиумот Исток-Запад, Студентскиот симпозиум итн. Институтот има издадено заедно со ФДМ околу стотина броеви од списанијата Филозофска трибина и Филозофија а членовите на институтот имаат објавено огромен број монографски изданија и учебници од областа на филозофијата, за кои ги имаат добиено, меѓу другите, следниве награди: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“ итн. Оваа година славиме и десетгодишнина од постоењето на „Филозофскиот филмски фестивал“, манифестација што започна да се одржува на нашиот институт, а денес е угледен меѓународен филмско-филозофски фестивал, единствен од ваков вид во светот.

Во моментов на Институтот за филозофија има осум наставници, а од нив четворица се редовни професори: проф. д-р Иван Џепароски (Естетика), проф. д-р Бранислав Саркањац (Филозофија на политика), проф. д-р Ана Димишковска (Логика) и проф. д-р Дејан Донев (Етика), додека четворица се вонредни професори: проф. д-р Ристо Солунчев (Историја на филозофија), проф. д-р Вангел Ноневски (Филозофска антропологија), проф. д-р Јасмина Поповска (Историја на филозофија) и проф. д-р Марија Тодоровска (Филозофија на религија). На Институтот работи и еден библиотекар, Фросина Новак, која е и координатор за ЕКТС.

Институтот за филозофија е носител на студиската програма по Филозофија.

Професори


Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Вонреден професор
Faculty member
Вонреден професор
Faculty member
Редовен професор

Координатор за ЕКТС / Библиотекар:




  • Фросина Новак


  • виш соработник за библиотечно работење


  • тел: 3116 520 локал: 212


  • e-mail: frosinanovak@fzf.ukim.edu.mk