Институт за родови студии


Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје е формиран во 2007 година и својата прва генерација студенти ја прими во академската 2008-2009 година. Идејата за основање додипломски родови студии произлезе од неколку членови на Катедрата за хуманистички студии на Филозофскиот факултет во Скопје во 2002 година. Дотогаш родовите студии, интегрално, не се изучуваа на некој од факултетите во државата, што беше дополнителен поттик за нивно основање и развивање. Идејата беше да се понуди студиска програма која е компатибилна со модерните теориски и образовни текови во светот, но и со државната стратегија за вградување на родовата перспектива во сите домени на општественото живеење.

Родовите студии се осмислени како интердисциплинарни студии, и во нив е направен спој на класичната академска, хуманистичка традиција, со современите актуализации и иновации во доменот на хуманистичките и општествените науки. Целта е студентите да се запознаат со положбата на половите и родовите улоги и релации низ еден историски след, како и со еманципаторските тенденции и движења, продирајќи длабоко во корените на родовото дискриминирање и потчинување во сите сегменти на општествениот живот. Главната мисија на родовите студии е да се образуваат родово сензитивни кадри, кои ќе придонесуваат во унапредувањето на родовата рамноправност и почитувањето на човековите права, и кои треба да бидат главни носители во креирањето и спроведувањето на политиките и мерките за родова рамноправност, подготвени да ги препознаваат и да се справуваат со родовите предрасуди и стереотипи и со разните облици на дискриминација: родова, верска, етничка, расна, врз основа на сексуалната ориентација, и т.н.

Наставниците на Институтот за родови студии реализирале и реализираат настава и на други институти на Филозофскиот факултет и на други факултети. Исто така, биле и се ангажирани во последипломските и докторските студии организирани на Филозофскиот факултет и на други академски институции и, во нивните рамки, биле ментори и членови на комисии за изработка на докторски и магистерски трудови. Освен ангажираноста во наставната дејност, членовите на Институтот активно учествуваат на бројни научни и стручни собири, конгреси и симпозиуми во земјата и во странство, јавни трибини и панел дискусии, промовирајќи ги принципите на родовата рамноправност и еднаквите можности. Воедно, во соработка со други институции, тие се учесници и во организирање на конференции и панел дискусии.

Наставниците на Институтот се пројавуваат со книги, монографии, учебни помагала и бројни трудови и, воедно, се рецензенти на трудови, книги, универзитетски учебници и учебници во основното и средното образование. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Институтот за човекови права тие се дел од тимот за експертска родова анализа на дел учебниците за основно образование.

Членовите на Институтот за родови студии реализирале бројни истражувачки проекти од областа на родовата проблематика, самостојно или во соработка со државни институции и организации од цивилниот сектор. Во насока на обезбедување на литература на македонски јазик за студентите беше реализиран проектот за превод на петтомната едиција Историја на жените на западот (капитално дело од областа на родовата проблематика). Во соработка со Министерството за труд и социјална политика – Сектор за еднакви можности, Институтот беше вклучен во изработувањето на Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020, и на првата Родово-буџетската анализа на социјалната заштита и активните политики за вработување. Институтот е партнер на градот Скопје во спроведување на Стратегијата на град Скопје за родова еднаквост и е вклучен во реализирање на проектот Вечери на женски права, во соработка со канцеларијата на UN Woman во Скопје и Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Во овој проект активна улога имаат студентите од ЕСРА и Институтот за родови студии. Институтот учествуваше и во изработката на Стратегија за родова еднаквост на град Скопје и акциски план за периодот 2016 – 2021 година, и е дел во процесот на изработка на новиот закон за еднакви можности.

Институтот за родови студии е партнер на ЈУ Заводот за социјални дејности, како и со други организации од цивилниот сектор во обезбедување поддршка и експертиза. Исто така, Институтот одржува интензивна и успешна соработка со голем број невладини организации. Наставиците на Институтот се редовни членови на седниците на Комисијата за еднакви можности при Собранието на Република Северна Македонија.

Тука е и ангажманот на професорите за активно вклучување на студентите во активности надвор од наставната дејност, преку организирано учество на настани и обуки, на интерактвен Форум театар на тема родовото насилство (одржан на Филозофскиот факултет) и на маршот за 8ми Март. Студентите се вклучени и како волонтери во изданијата на WikiGap, наменети за зголемување на бројот на текстови на Википедија за истакнати жени од Северна Македонија и од светот,или за значајни настани за родовата еднаквост. За потребите на студентите на родови студии е креирана и веб страна.

На Институтот за родови студии му претстои уште позасилен ангажман во афирмирањето на родовите студии и родовата кауза, бидејќи само со квалификувани кадри и поставени на вистинско место може да се унапредува родовата еднаквост и човековите права.

Институтот за родови студии е носител на студиската програма по Родови студии.

Професори


Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Редовен професор
Faculty member
Асистент

Координатор за ЕКТС / Библиотекар




  • Наташа Таневска


  • соработник за библиотечно работење


  • тел: 3116 520 локал: 164


  • e-mail: natasha.tanevska@fzf.ukim.edu.mk

Професори


Faculty member
Редовен професор