Подобри наставнички компетенции за поквалитетно универзитетско образование

Резиме: Во рамките на проектот „Подобри наставнички компетенции за поквалитетно универзитетско образование“ се спроведе обемно истражување кое ги вклучи наставниците и соработниците во високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со помош на ова истражување се изврши детекција на компетенциите на наставничкиот и соработничкиот кадар во високото образование кои ги применуваат за оспособување на студентите за само-учење во контекст на концептот за доживотно учење. Истражувањето се однесуваше на неколку аспекти кои се однесуваат на специфичните наставнички компетенции за планирање, реализација и евалуација на наставниот процес во високото образование и послужија да се направи иницијален пресек на состојбата со оваа проблематика. Истражувањето се реализираше во временска рамка од четири месеци, во периодот од септември 2021 до декември 2021 година и во него преку електронски анкетен прашалник партиципираа 246 наставници и соработници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и беа реализирани 8 фокус групи со вкупно 21 наставници и соработници во различни региони во Р. Македонија.

Цели: Генерална цел – утврдување на наставничките компетенции кај универзитетскиот наставен и соработнички кадар во контекст на подготвувањето на студентите за доживотно учење. Операционализацијата на оваа цел се реализираше преку утврдување на компетенциите на наставничкиот и соработничкиот кадар за планирање, реализација и евалуација на воспитно-образовниот процес во рамките на високото образование.

Резултати:  Спроведеното истражување со наслов „Подобри наставнички компетенции за поквалитетно универзитетско образование“ доведе до добивање на актуелни научни и стручни сознанија за образовните потреби на универзитетскиот наставнички и соработнички кадар на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ кои треба да се искористат во функција на  осовременување и зајакнување на нивните стручно – професионални компетенции за реализација на наставниот процес. Имено, се детектираа одредени слабости во планирањето, реализацијата и евалуацијата на воспитно – образовниот процес кои главно се однесуваа на недостатокот или пропустите во дидактичко/методичките/андрагошки компетенции за на предметните програми кај одреден дел од наставничкиот, но и соработничкиот кадар. Ова особено е воочливо во ниското ниво на познавање на клучните компетенции за доживотно учење и во процесите на управување со времето за учење, оспособувањето за изработка на планови за учење и сл. Крајната придобивка од извршеното истражување е создавањето услови за креирање модули за професионализација, односно професионално наставно усовршување на универзитетскиот наставен и соработнички кадар.