%d0%be%d0%b4%d0%bb%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%b7%d0%b0-%d0%be%d0%b4%d1%80%d0%b6%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%b0%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%b2%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%b2%d0%be-%d0%bb%d0%b5

Врз основа на член 120 од Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2018), член 75 од Статутот на Филозофскиот факултет – Скопје (Универзитетски гласник бр.463/19), Правилникот за начинот на реализација на дејностите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и единиците во неговиот состав согласно со мерките на надлежните органи во Република Северна Македонија за спречување на внесување и ширење на коронавирусот CoVid-19 (Универзитетски гласник бр.489/2020), Деканатската управа на Филозофскиот факултет во Скопје на својата LV редовна седница одржана на ден 29.XII 2020 година, донесе

ОДЛУКА

за одржување на наставата во летниот семестар 2020/21 год.на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје

Наставата на прв циклус студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во летниот семестар во учебната 2020/21 година ќе се одвива комбинирано:

I

1. настава со посредство на електронска комуникација (во продолжение е-настава) и

2. настава со физичко присуство

II

Е-наставата (предавања и вежби) на прв циклус студии во летниот семестар 2020/21 година ќе се реализира за сите предмети кои студентите ги запишале или презапишале во летниот семестар во учебната 2020/21 година. Е-наставата (предавањата и вежбите) ќе се одвива преку платформата Микрософт Тимс и платформата МудлФзФ.

Редовната Е-настава ќе биде прикажана во Распоредот на работни задачи која ја усвојува Наставно-научниот совет на почетокот на учебната година. Наставниците имаат обврска да пристапат кон реализација на наставата согласно термините кои ќе ги наведат во Распоредот на работни задачи.

III

Настава со физичко присуство (предавања и вежби) во летниот семестар 2020/21 година, наставникот треба да ја изведува најмалку еднаш месечно за секој одделен предмет, доколку постојат предуслови за тоа (студентските домови да се отворени, здравствени протоколи и сл.). Наставата со физичко присуство ќе може да се изведува во мали групи, односно во предавални во кои во еден термин ќе може да присуствуваат само ограничен број студенти. Наставата со физичко присуство (во предвидениот термин за е-настава) ќе се одвива согласно претходно подготвен распоред по предавални на Филозофскиот факултет, каде местата се означени согласно протоколот за физичка одалеченост.

Наставата за предметите каде е предвидена и задолжителна пракса и присуство во одредена институција, треба да се прилагоди во согласност со критериумите за е-настава. Согласно потребите на институтите, Филозофскиот факултет ќе склучи дополнително Меморандуми за е-пракса (пр. изведување е-настава за градинки, училишта и сл.) со соодветните институции.

IV

Колоквиумите и испитите ќе се одвиваат преку: (1) платформата Микрософт Тимс и соодветните апликации кои оваа платформа ги нуди (како Микрософт формс и сл.), (2) платформата МудлФзФи (3) платформата Квалтрикс или со физичко присуство во согласност со протоколот за заштита од корона вирусот.

V

Консултациите со студентите се одвиваат преку платформата Микрософт Тимс или со физичко присуство. Консултациите со студенти со физичко присуство може да се одржуваат во кабинет (најмногу еден студент во еден термин) и во библиотеките при Институтите.

VI

Наставата на втор и трет циклус студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во летниот семестар во учебната 2020/21 година ќе се одвива комбинирано:      

  1. настава со физичко присуство и
  2. настава со посредство на електронска комуникација (е-настава).

Наставата со физичко присуство ќе се изведува во мали групи, односно во предавални во кои во еден термин треба да бидат исполнети само местата кои се означени согласно протоколот за физичка одалеченост. Е-наставата на втор и трет циклус студии ќе се одвива преку  платформата Микрософт Тимс и платформата МудлФзФ.

Консултациите со студентите од втор и трет циклус студии се одвиваат преку платформата Микрософт Тимс или со физичко присуство. Консултациите со студенти со физичко присуство може да се одржуваат во кабинет (најмногу еден студент во еден термин) и во библиотеките при Институтите.

VII

Одбраните на дипломските, магистерските и докторските трудови при Филозофскиот факултет во летниот семстар во учебната 2020/21 година ќе се одвиваат комбинирано: со физичко присуство и со посредство на електронска комуникација (е-одбрана). Одбраните со физичко присуство ќе се одвиваат согласно протоколот и превентивните мерки за заштита од корона вирусот актуелни во терминот за одржување на одбраната. Е-одбраната ќе се одвива преку платформата Микрософт Тимс.

VIII

Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

Одлуката да се достави до: декан, продекани, електронски до раководители, Одделението за општи и правни работи; Одделението за финансиско, сметководствено и материјално работење, Одделението за библиотечно работење, Одделение за студентски прашања, Факултетско студентско собрание и архива.

Декан,                                                                                                                        

 на Филозофскиот факултет

 проф. д-р Ратко Дуев