Проф. д-р Зоран Стојановски
Роден е на 28.10.1937 година во Томино Село, општина Македонски Брод. Средно образование завршил во Учителската школа “Никола Карев” во Скопје. Дипломирал на Филозофско – историскиот факултет во Белград во 1964 година, на отсекот психологија. Постдипломски студии завршил во Центарот за мултидисциплинарни студии во Белград во 1975 година, каде што под менторство на проф. д-р Никола Рот го одбранил магистерскиот труд: Прогностичка валидност невербалних тестова менталних способности за школски успех ученика гимназије. Со научниот степен доктор по психолошки науки се здобил на Филозофскиот факултет во Скопје во 1986 година, каде што под менторство на проф. д-р Душан Ѓорѓевиќ ја одбранил докторската дисертација: Социјалниот статус на учениците во паралелката и личните особини. Престојувал на шестмесечен студиски престој на Универзитетот во Копенхаген – Данска и бил гостин – професор на Филозофскиот факултет во Софија – Бугарија. Има богато четиридецениско работно искуство. Најпрво работел како учител во три основни училишта, а потоа како психолог во Заводот за вработување во Куманово и како советник – психолог во Републичкиот завод за унапредување на воспитанието и образованието во Скопје. На Филозофскиот факултет во Скопје е избран за асистент во 1971 година, а редовен професор е од 1992 година. Изведувал настава по предметот Педагошка психологија на Филозофскиот и на Педагошкиот факултет во Скопје, на Факултетот за учители и воспитувачи во Битола и на Универзитетот ФОН во Скопје. Учествувал во реализацијата на научно-истражувачките проекти: Валидација и стандардизација на Векслеровиот индивидуален тест за интелигенција (1987-1988 година) и Психолошки фактори на професионалното определување (1992-1994 година). Со свои трудови учествувал на конгреси на психолози од бивша Југославија и на голем број научни собири, трибини и конференции. Објавил повеќе од осудесет научни и стручни трудови кои се публикувани во стручни списанија и зборници. Автор е на повеќе публикувани книги од областа на психологијата и педагогијата: Семејството и воспитувањето на детето (1971), Изработување и користење на неформални тестови на знаење (1973), Прирачник методологија на истражување на воспитанието и образованието (1977), Тестови на знаење (1988) и второ издание во 1995 година, Социјалниот статус и личните особини на учениците (1988), Векслеров индивидуален тест на интелигенција за македонска популација – ВИТИМ (1989), Inventory of European Longitudinal Studies in the Behavioural and Medical Sciences (1990), Оценка на оценката (1993). Извршувал повеќе раководни функции: Раководител на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет во Скопје, продекан за настава на истиот факултет, претседател на факултетскиот совет на Филозофскиот факултет, проректор за настава и наука на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, претседател на Универзитетската комисија за настава и наука и претседател на Друштвото на психолози на Република Македонија. Бил еден од основоположниците на Институтот за психологија и дал значаен придонес за развојот и афирмацијата на психологијата во Македонија и за профилирањето на психолошкиот статус на училишниот психолог. Остварил успешна професионална кариера за што добил повеќе награди, благодарници, пофалници, признание од Комората на психолози на Република Македонија за долгогодишно вложување во развојот на психолошката наука и дејност, како и плакета од Сојузот на психолозите од бивша Југославија – за популаризација на психологијата и плакета од Филозофскиот факултет во Скопје за долгогодишен и исклучителен придонес за развој на науката и наставата на факултетот.