Акад. Михаил Д. Петрушевски
Академик Михаил Д. Петрушевски (2 јули 1911, Битола – 27 февруари 1990, Скопје) основно училиште и гимназија завршил во родната Битола, а класична филологија студирал на Филозофскиот факултет во Белград каде што дипломирал во 1935 година. Магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Белград. Академик Михаил Д. Петрушевски зел учество во организирањето на Филозофскиот факултет и на првиот македонски универзитет. Бил прв декан на Филозофскиот факултет (1946-1949), како и ректор на Универзитетот во Скопје (1956-1958). Напоредно со овие организациски ангажмани, академик Петрушевски бил еден од иницијаторите и долгогодишен главен и одговорен уредник на првобитно сојузното југословенско, а подоцна угледно меѓународно научно списание ЖИВА АНТИКА. Уште како мошне млад тој се истакнува во науката како многустран ерудит, студиозен и оригинален истражувач во областа на класичната филологија. Меѓу неговите први достигнувања на меѓународниот научен план се издвојува херменевтичкиот приод кон делата на истакнати антички автори: Хомер, Ајсхил, Аристофан, Хесихиј, Полукс и др. Според сопственото признание, за најзначајно го смета своето истражувањето и емендациите на Аристотеловата Поетика каде што дава вонреден придонес со иновативното и аргументирано толкувањето на дефиницијата на трагедијата. Остварените резултати на ова поле добија соодветен одглас и признание во светската наука и се претворија во еден од препознатливите печати на македонската класична филологија. Значаен на меѓународен план е прилогот на академик Петрушевски во микенологијата, нова наука од средината на XX век на која тој ѝ пристапува уште од самите почетоци. Веднаш по дешифрирањето на линеарното Бе писмо (1952/3), тој се вклучува во најтесниот круг на класични филолози кои нудат толкувања на микенски знаци и зборови што беа прифатени од светските специјалисти. На национален план е голем придонесот на академик Петрушевски со неговите препеви на делата на Хомер (Илијада и Одисеја) во кои се покажа не само како голем познавач на хомерскиот грчки туку и на македонскиот поетски јазик. Внесувајќи во својот препев на Хомер бројни архаизми и дијалектизми, тој успеа не само да ја збогати изразната моќ на македонскиот јазик туку и да даде верен и продлабочен одраз на оригиналниот хомерски јазик што е редок случај во светската преведувачка постапка. На овој план е значаен и придонесот остварен во критичките изданија и преводи на делата на Григор Прличев (Мартолозот и Скендербеј). Тоа се дела со капитално значење за македонската култура воопшто кои остануваат основа за многу натамошни научни истражувања. Научниот опус на акад. Михаил Д. Петрушевски опфаќа околу 200 објавени трудови од кои голем дел се на француски, германски, англиски, грчки, латински и италијански јазик. Своите научни откритија ги има презентирано не само во земјата туку и на низа предавања во светот, на универзитетите во Москва, Санкт Петербург, Безансон, Берлин, Рим и др. За високите дострели остварени во науката, академик Петрушевски се здобил со признанија од многу страни, а тој е и еден од членовите-основоположници на МАНУ. Меѓу признанијата се издвојуваат: Орден за трудот од I ред, Орден заслуги за народ со златна ѕвезда и Орденот на Републиката со златен венец. Добитник е на највисоки награди: Наградата АВНОЈ на југословенско ниво и на највисоката македонска награда „11 Октомври“.