• mbuzalkovska@gmail.com

д–р Маргарита Бузалковска-Алексова

Проф. д‐р Маргарита Бузалковска‐Алексова (5 февруари 1955, Скопје) основно и средно образование завршила во Скопје. Во 1978 година дипломирала на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје. На истиот институт во 1985 година магистрирала со темата „Предлози и префикси во микенскиот грчки“ и докторирала во 1996 година со темата „Сложенки во микенскиот грчки со посебен акцент на препозиционалните сложени форми“ под менторство на акад. Петар Хр. Илиевски.Од 1980 година е вработена на Институтот за класични студии, најпрвин како асистент, а потоа како доцент (од 1996 година), вонреден професор (од 2001 година и година) и редовен професор (од 2006 година). Во текот на својот работен ангажман на Филозофскиот факултет изведувала настава по историска граматика на старогрчкиот и латинскиот јазик, но исто така и по повеќе предмети од областите: микенологија, грчка дијалектологија, ранолатински, грчка и латинска епиграфика и палеографија, општа лингвистика, на сите три циклуси на студии за студентите од Институтот за класични студии, но и за студентите од Инситутите за историја и историја на уметност со археологија. Во периодот од 1997 до 1999 година изведувала настава и по новогрчки јазик на Институтот за национална историја во Скопје. Учествувала во изработката на повеќе нови студиски програми на Институтот за класични студии и во промовирањето на нови предметни програми од научните области со кои се занимава. Била раководител на Институтот за класични студии од 1998 до 2001 година. Во 2001 година, заедно со група професори од Институтот за класични студии и класични филолози, го иницира основањето на Здружението на класични филолози „Антика“ и е член на неговиот Извршен одбор до 2014 година. Во 2002 година го иницира издавањето на електронското списание Систасис (http://www.systasis.org) и е член на Редакцијата и главен и одговорен уредник до 2016 година. Во текот на сите овие години активно учествува во сите активности и проекти на здружението „Антика“, кои опфаќаат промоција и унапредување на наставата по класичните јазици и античката култура во основното и средното образование, организација на натпревари по класични јазици за учениците од средните училишта, организација на заеднички научни собири со Здружението за компаративна книжевност на Македонија и Филозофското друштво на Македонија и разни други активности за поврзување на Здружението „Антика“ со други сродни здруженија во странство. микенологија, грчка дијалектологија, ранолатински, грчка и латинска епиграфика и палеографија, општа лингвистика Проф. д‐р Маргарита Бузалковска‐Алексова учествувала на повеќе колоквиуми и научни собири во Република Македонија и во странство, престојувала заради стручно усовршување во Американската школа за класични студии во Атина, Грција, држела предавања од областа на микенологијата на Универзитетот во Белград, учествувала и како предавач и како учесник на повеќе работилници и семинари, учествувала во организацијата на многу научни конференции и собири. Таа активно работи и на преводи од класичните јазици, но и на преводи од англиски на стручни студии и книги од областа на класичната филологија. За преводот од старогрчки јазик на делото За душата од Аристотел проф. д-р Маргарита Бузалковска-Алексова во 2006 година ја доби наградата „Златно перо“, што ја доделува Друштвото на преведувачи на Република Македонија.