д–р Љубинка Басотова
Проф. Љубинка Басотова (15 октомври 1934, Скопје – 18 јуни 2020) основно и средно образование – класична гимназија завршила во Скопје, каде што и дипломирала во 1959 година на Катедрата за класична филологија на Филозофско‐филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Постдипломските студии на Институтот за историја при Филозофскиот факултет ги завршила во 1985 година со одбрана на магистерскиот труд под наслов „Летописот на попот Дукљанин како извор за проучување на македонската средновековна историја“. Докторирала во 1993 година со одбрана на докторската дисертација на тема „Латинизмите во македонскиот јазик“. Во 1961 година била избрана за асистент по латински јазик на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1972 година за лектор, а во 1978 година за предавач на истата катедра. Во 1982 година се здобила со звањето виш предавач, а во 1994 година со звањето вонреден професор по нормативна латинска граматика. Во звањето редовен професор била избрана во 1999 година. Како универзитетски наставник изведувала настава по предметите Морфологија на латинскиот јазик и Синтакса на латинскиот јазик за студентите од Институтот за класични студии и по предметот Латински јазик за студентите од институтите за историја, историја на уметноста со археологија, како и од групите за романски јазици и литература и од групата за општа и компаративна книжевност од Филолошкиот факултет во Скопје. Научниот интерес на проф. Басотова не бил фокусиран само во областа на класичната филологија, туку предмет на нејзини истражувања биле и теми од областа на историјата, книжевноста, македонистиката. Особено значаен придонес во развојот и унапредувањето на наставата по латински јазик и во учебникарството во нашата држава проф. д‐р Љубинка Басотова остварила како автор и коавтор на повеќе учебници по латински јазик. Автор е и на многубројни извонредно успешни преводи и препеви од латински и старогрчки јазик на дела од хеленската и римската културна ризница. Благодарение на нејзиниот преведувачки фанатизам, што траеше со повеќедецениски континуитет и со ретка посветеност и страст, на македонски јазик се приопштени и објавени култни дела на Софокле, Вергилиј, Овидиј, Хоратиј, Лукретиј, Кикерон, Такит и на други антички автори. За своите научни, преведувачки, педагошки и општествени ангажмани и достигнувања проф. Љубинка Басотова била добитник на повеќе награди и признанија: Орден за заслуги за народот со сребрена ѕвезда, доделен од претседателот на СФРЈ (1981), награда „Ванѓа Чашуле“ за преводот од латински јазик на делото За државата божја на Августин (1997), награда „Григор Прличев“ за препевот од латински јазик на Вергилиевата Ајнеида (1999), награда „Кирил Пејчиновиќ“ за нејзиниот севкупен преведувачки опус (2001), а од Здружението на литературни преведувачи ѝ е доделено и високото признание „Мајстор на литературниот превод“. Добитник е и на повелбата „30 Септември“ во чест на Светскиот ден на литературните преведувачи, востановен од УНЕСКО. Во 2006 година е одликувана со највисокото државно признание, наградата „11 Октомври“, а во 2011 година ја добила наградата на Градот Скопје „13 Ноември“.