Институт за класични студии

д–р Елена Колева

Проф. Елена Колева (16 мај 1934, Прилеп) дипломирала на Филозофско‐филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за класична филологија во 1959 година. Магистрирала 1985 година на Филозофскиот факултет во Скопје, на Групата за историја со магистерската теза „Михаил Псел како извор за историјата на македонскиот народ“. Докторирала 1991 година на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност со докторската дисертација „Систаса на прагми како поетичко начело“. Од 1960 до 1974 година работела како професор по латински јазик во неколку средни училишта во Скопје. Во 1974 година била избрана за лектор по старогрчки јазик на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а во 1984 година била избрана во звањето предавач по старогрчка и римска литература. Во 1991 година била избрана во звањето доцент по античка литература, во 1995 година се здобила со звањето вонреден професор, а во 2000 година со звањето редовен професор. Покрај извонредниот и на многу рамништа потврден педагошки и стручен ангажман за унапредување на наставата на Катедрата за класична филологија, проф. Елена Колева со својата научна и преведувачка работа има значаен придонес за збогатување на нашето културно наследство и за проширување на неговите вредносни рамки. Својата долгогодишна преведувачка активност таа ја насочува главно кон философските дела на Платон. Автор е на првите преводи од старогрчки на македонски јазик на Платоновите дијалози: Одбрана Сократова, Критон, Фајдон, Протагора, Евтифрон, Ион, Политеја, Закони, Гозба. Од не помало значење за македонската култура е и Антологијата на хеленската лирика за која проф. Колева го направи првиот препев на македонски јазик на близу илјада фрагменти зачувани во разни антологии на хеленските лиричари и го придружи со обемна студија, Ѕоографија на Песната, што претставува релевантен и неизоставен извор за проучување на хеленската лирика, единствен од ваков вид во нашата академска јавност. Со својата докторска дисертација Систаса на прагми како поетичко начело таа промовира во македонската теорија една речиси непознататема од античката поетика и поттикна бројни научни обраќања од оваа област. Нејзиното филолошко и теориско толкување на оригиналниот текст на Аристотеловата Поетика и посочената апликативност на ваквата анализа врз текстови од античката книжевност се инспиративни за научни истражувања и во други дисциплини, како што се естетиката, теоријата на литературата, други посебни литератури.
Истражувачки интереси: античката книжевност, естетика, теорија на литературата;
Проф. Елена Колева е добитник на државната награда „Св Климент Охридски“ во 2009 година.