Институт за класични студии

д–р Елена Зографска

Проф. Елена Зографска (4 февруари 1921, Пловдив – Скопје, 2008) средно образование завршила на класичниот оддел при пловдивската женска гимназија, а класична филологија на софискиот државен универзитет. Кусо време по дипломирањето стажирала и работела како наставник во гимназиите во Софија и Пловдив. Од октомври 1946 година до крајот на својот живот живеела и работела во Скопје. Во 1946 година започнала со наставничка дејност по руски јазик во основните училишта „Орце Николов“ и „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Од 1951 до 1955 година предавала старогрчки и латински јазик во класичните паралелки при гимназијата „Јосип Броз Тито“, а во 1956 година била избрана за лектор по старогрчки и латински јазик на Катедрата по класична филологија при Философско‐историскиот факултет во Скопје, каде што останала сè до своето пензионирање. Како лектор ги водела вежбите по старогрчки и латински јазик со студентите од групата за класична филологија, романистика и историја. Во 1971 година била избрана за професор по историја на грчката и римската литература, во која област работела сè до пензионирањето во 1983 г. Проф. Зографска објавувала трудови и од областа на лингвистиката и од областа на книжевноста. Од областа на лингвистиката таа се занимава со морфофонемски проблеми од областа на латинскиот јазик, а на полето на книжевноста длабоко навлегла во дејноста на преродбениците во Македонија во 19. век и влијанието на антиката врз нивното творештво. Нејзиното најзначајно дело е хрестоматијата „Избор: на латински текстови со коментар“ објавена првпат во 1963 год. и преиздадена во 1970 год. во која, во соработка со проф. Богдан Стевановиќ се обработени текстови од ранолатинскиот период до класичнолатинскиот (Непот, Такит, Ливиј, Салустиј, Кикерон, Каесар), со богат коментар на морфолошки, синтактички и семантички план, исто како и со објаснувања за историските услови во кои се случува настанот опфатен кај соодветниот автор. Овој прирачник и денес претставува придружно помагало при уводот на сеопфатната обработка на овие врвни претставници на римската книжевност. Античка литература, рецепција на антика