д–р Даница Чадиковска
Даница Чадиковска (9 февруари 1935, Тетово – 27 јануари 2002, Скопје) основно и средно образование – класична гимназија завршила во Скопје. Дипломирала на Филозофско-филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Катедрата за класична филологија во 1961 година. По дипломирањето се вработила како професор по латински јазик во скопската гимназија „Георги Димитров“, со што започнува нејзината долгогодишна и успешна педагошка кариера. Ја продолжила во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје, како професор по латински и старогрчки јазик, кадешто неколку години ја извршува и должноста на раководител на културолошката струка, сè до нејзиното заминување на ново работно место во високото образование во 1986 година. Како средношколски професор се стекнала со звањето особено истакнат педагошки работник. Од 1986 година до пензионирањето во неколку наврати била избрана за лектор по старогрчки и латински јазик на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје. Даница Чадиковска за многу генерации средношколци и студенти претставува синоним за наставник којшто ги инспирира и мотивира своите ученици, не само со своите компетенции, ентузијазам и методолошки пристап, туку и со својата непосредност, отвореност и висок морален и професионален интегритет. Континуираните и посветени настојувања на Д. Чадиковска да се афирмира и унапреди изучувањето на класичните јазици и култура особено се манифестираат со повторното отворање на т.н. класична паралелка, односно, класична гимназија во „Јосип Броз-Тито“, каде што таа преку наставните и воннаставните активности кај младите генерации ја всадуваше и негуваше љубовта и интересот кон класичното античко наследство. Во насока на остварување на оваа мисија и постигнување повисок квалитет на наставата, Д. Чадиковска е автор или коавтор на повеќе средношколски учебници по латински јазик и на еден универзитетски учебник по старогрчки јазик. Старогрчки јазик Преведувачката дејност на Даница Чадиковска е фокусирана најмногу на хеленската трагедија, говорништво и историографија, а е маркантна и значајна според повеќе критериуми: бројноста на преведените и препеаните наслови, значењето и големината на авторите и самите дела во историјата на книжевноста, прецизниот, точен и педантен превод и препев во оригинална метричка стапка, како и конфирмацијата на потенцијалите на македонскиот јазик. Д. Чадиковска е автор на првите препеви на македонски јазик на трагедии на Софокле (Ојдип Тиранин, Ојдип на Колон, Трахинки, Ајант, Електра), Ајсхил (Прибегарки, Персијци, Седумтемина против Теба, трилогијата Орестија) и Еврипид (Хиполит, Ифигенија во Авлида, Бакхи, Електра, Орест, Ифигенија во Таврида, Хекаба, Андромаха, Тројанки, Алкестида, Елена, Споулавениот Херакле), што само по себе е извонреден подвиг и придонес за македонската културна средина. Пионерски потфати се и преводите на Херодотовата историја, придружена со обемен и исцрпен придружен апарат и коментари, како и Говорите на Демостен, што претставуваат голем предизвик за секој класичен филолог и преведувач.