Институт за класични студии

Акад. Петар Хр. Илиевски

Академик Петар Хр. Илиевски (2 јули 1920 с. Бигор Доленци, Кичево – 31 мај 2013, Скопје) основно училиште завршил во родното место, а православна богословија во Битола. По завршувањето на Богословскиот факултет во Софија во 1946, се вработил како наставник во неколку средни училишта во Скопје. Како студент бил вклучен во НО движење од 1942 г., а во НОВ од 1944 г. Во 1956 г. дипломирал класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Специјализирал микенологија во Кембриџ во 1957/58 година и докторирал во истата област во 1960 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Аблативот, инструменталот и локативот во најстарите грчки текстови“. По докторирањето бил избран за доцент, во 1966 за вонреден професор, а во 1971 година за редовен професор. Бил одговорен уредник на сојузното списание за класична филологија и антички студии „Жива антика“. Од 1965 година бил член на постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии, а од 1981 година бил член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Го организирал Друштвото за антички студии на Југославија (1972–1973 година), а организирал и низа меѓународни научни собири. На творечки научен план акад. Петар Хр. Илиевски постигнал завидни резултати и меѓународно признание. Автор е на многу статии објавени во светски научни списанија. Меѓу неговите пообемни дела се издвојува книгата Животот на Микенците во нивните писмени сведоштва која претставува синтеза на неговите дотогашни научни истражувања од областа на микенологијата. Како класичен филолог, акад. Илиевски посветил внимание на крупни теми од античката книжевност и култура, а посебно ја истражувал метриката во хомерската епска поезија како и преводните можности на македонскиот јазик. Тука се издвојува книгата За античката просодија во македонски препев. Објавил и голем број трудови од областа на т. н. балканолошки студии. Посебна вредност во неговиот научен опус имаат истражувањата на македонскиот јазик низ вековите кои се објавени во бројни статии и во неколку книги. Во овој контекст, капитални се неговите дела Крнински дамаскин и традиција и иновации во македонските црковнословенски книжевни споменици од турскиот период. Кон ова се придружуваат и трудовите посветени на кирилометодиевската традиција од кои дел се објавени во книгата Светила незаодни. Учествувал во првиот превод на Светото Евангелие на современ македонски јазик. За своето научно дело акад. Илиевски ги добил највисоките државни признанија и награди, а меѓу нив и двапати наградата „11 Октомври“. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите бил избран во 1979, а за редовен член во 1983 година.