д–р Душица Петрушевска
Проф. Душица Петрушевска, е родена 1920 година во Белград. Завршува класична гимназија со одличен успех, a дипломирала 1945 година, на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Белград. По ослбодувањето доаѓа во Македонија каде што истовремено почнуваат да ги обавуваат своите универзитетски и гимназиски должности. Професор Душица Петрушевска го започнува својот работен век во Република Македонија во Народната библиотека, каде што работи од 1946‐1948 година; во 1948 година стапува на работното место професор по старогрчки, латински јазик и историја на стариот свет во класичните паралелки од женската гимназија „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Учениците ја помнат како убава, строга и праведна. Во 1958 година Душица Петрушевска преминува на работното место асистент по општа историја на стариот век, на катедрата по историја при Филозофско‐историскиот факултет, каде работи сè до нејзиното пензионирање во 1978 година. На часовите по историја, за студентите од катедрите за историја, историја на уметноста и класични студии, таа знаеше да го направи полезно и да го искомбинира знаењето на сите групи студенти и да направи хомогени и интересни часови – за тоа е потребно длабоко познавање од поширокиот домен на класичните студии, онака како што беа конципирани во нашата земја.