д–р Виолета Ачкоска
Проф. д-р Виолета Ачкоска е родена на 4. IX 1954 година во Охрид каде завршила основно и средно образование. Во 1977 година дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, група Историја. На истиот факултет магистрирала во 1988, а докторирала во 1993 со тезата „Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 година“. Во 1978 се вработува во Марксистички центар „Мито Хаџи Василев –Јасмин“ како стручен соработник од областа на современата историја. Во 1989 преминува во Институтот за национална историја во одделението за најнова историја, а од 1998 се вработува како доцент на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за историја. Се пензионира како редовен професор на истиот факултет во 2019 година. Како истражувач и универзитетки професор, Ачкоска е автор и коавтор на над 40 монографски и други трудови, автор на околу 100-тина научни статии и поголем број публицистички и други пишувани трудови (прикази, фељтони, колумни, интервјуа, промотивни слова итн.), автор и коавтор на учебници за историја во основното и средното образование, автор и коавтор на околу 30 сценарија за документарни историски филмови и на неколку музејски концепти. Била редактор на повеќе преведени научни трудови. Водела неколку домашни и учествувала во повеќе странски и домашни проекти. Објавените трудови и истражувања на проф. д-р Виолета Ачкоска се днесуваат на неколку научни области од современта историја: социјалната историја, политичката историја (меѓуетничките односи и репресијата во комунизмот), историјата на образованието и културната историја. Истовремено видлив обем заземаат нејзините трудови од областа на Методологијата на историската наука и Методиката на наставата по историја. Во рамките на своите научни постигања, отворила некои табу теми во македонската историографија (колективизацијата на македонското село, задолжителниот откуп, ревизијата на доделувањето земја на некогашните колонисти, одделни аспекти на проблемот на репресијата за време на комунистичкиот режим итн.).
Проф. Ачкоска, покрај наставниот ангажман на редовните студии на Филозофскиот факултет, беше реализатор на наставата и ментор на студиите од втор и трет степен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на наставни предмети од областа на историјата на македонскиот народ и методологијата на научното истражување. Била член на повеќе комисии за одбрана на докторски и магистерски трудови. Под нејзино менторство докторирале 11, а магистрирале 32 кандидати. Во нејзините пошироки ангажмани како експерт, професор и интелектуалец била член на комисии во рамките на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“, член на одбори за доделување државни награди и општествени признанија, член на неколку редакции на научни списанија од областа на историската наука, водела повеќе комисии од областа на наставата по историја во рамките на Министерството за образование и наука на РМ и Бирото за развој на образованието, учестувала во проекти на Министерството за култура и Министерството за наука образование и наука на Република Македонија итн.