д–р Јован Пејковски
Проф. Д-р Јован Пејковски роден е во Скопје во 1953 година, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал на Економскиот Факултет во Скопје во 1977 година, а магистрирал на истиот факултет во 1989 година од областа на Економскиот развој и методите на економската анализа. Докторирал на Економскиот факултет во Скопје во 1997 година, со дисертацијата: “Претприемничката функција и стопанскиот развој, со посебен осврт на перспективите за развојот на претприемништвото во Република Македонија”.
Академска кариера
Наставно-научниот совет на Економскиот факултет во Прилеп, во јануари 1999 година, го избрал за наставник по предметот Меѓународен менаџмент. Од учебната 2001/02 година до 2005/06 година, на Филозофскиот факултет во Скопје, во Институтот за социјална работа и социјална политика е ангажиран како професор по предметот Планирање на социјален развој.
Во 2004 година е избран за вонреден професор, на Универзитетот Св. “Климент Охридски”, Економски факултет Прилеп, по предметот Современи економски системи. На овој факултет е ангажиран како професор по предметите Мултинационални корпорации и стратегиски алијанси, а подоцна и за предметите: Монетарна економија и Девизна економија. На постдипломските студии на овој факултет ги предавал предметите: Регионални економски интеграции и Глобален менаџмент.
На Економскиот институт во Скопје од 2003 до 2006 година бил професор на постдипломски студии по претприемништво и трансфер на нови технологии.
Во септември 2005 година е избран за вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје по предметите: Социјален развој, Економика на јавни служби и Социјална политика, а на постипломски студии: Менаџмент на човечки ресурси, Претприемништво и Економија на Европската унија.
Како визитинг професор на Универзитетот Њу Јорк во Скопје во 2005 година го предавал предметот Претприемништво и развој.
На Универзитетот Американ колеџ во Скопје од учебната 2006/2007 до 2008/2009 година ги предавал на англиски и на македонски јазик предметите: Претприемништо и Економија на Европската Унија.
На 14 април 2010 година избран е за редовен професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Филозофски факултет Скопје во научните области: социјална политика, социјален развој, економија на јавни служби, економија на Европската унија, претприемништво, менаџмент со човечки ресурси, системи на социјална заштита, економски развој и меѓународен менаџмент. На постдипломски студии ги предава и предметите: Европски политики за мали и средни претпријатија, лобирање и стратешко планирање и социјално претприемништво и системи на социјална сигурност.
На Универзитетот „Гоце Делчев„ – Економскиот факултет во Штип од 2009 година до 2014 година е професор по следните предмети: Европски монетарен систем и монетарна политика, Надворешна трговија, Здравствено и социјално осигурување, Систем на здравствена заштита на Република Македонија и Здравствено и социјално осигурување.
На Филозофскиот факултет во Ниш, Србија, на Департманот за социјална работа и социјална политика од 2017 година како визитинг професор ги предава предметите: Системи на социјална сигурност и Јавни финансии.
Во наведените универзитети и образовни установи бил ментор на над осумдесет дипломски, 50 магистерски и 7 докторски трудови.
Член е на истражувачката мрежа на Лондонската Економска школа во Европа за социјална кохезија, Велика Британија, 2012-2017 година.
Член е на Редакцијата на Меѓународниот весник за социјална политика, објавено од Филозофскиот факултет, Св. Универзитет „Кирил и Методиј“ во Скопје, 2015-
Член е на Мрежата на експерти за балканска соработка во образованието на работниците, Србија, 2012-2013 година.
Проф. Пејковски во два мандата од 2009 до 2017 година бил Раководител на Институтот за социјална работа и социјална политика „Мајка Тереза„ при Филозофскиот факултет во Скопје.
Од октомври 2017 година до денес е раководител на Центарот за човечки ресурси при Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2019 година е раководител на Советот на студиската програма од трет циклус – докторски студии по Меѓународни односи и менаџирање на конфликти.
Работен ангажман.
Од јануари 1979 година до мај 1982 година, бил вработен во Републичкиот секретаријат за економски односи со странство во доменот на надворешно-трговската мрежа во странство. Од 1982 година до 1986 година е избран за секретар на Комисијата за тековна економска и социјална политика на Извршниот совет (Влада) на Собранието на Република Македонија.
Од 1986 година до 2004 година вработен е во Собранието на Република Македонија како Самостоен советник за економска политика и развој и шеф на кабинетот на потпретседателот на Собранието задолжен за економски и социјални прашања, како и за меѓународна соработка. Избран е за раководител на Секторот за меѓународна соработка на Собранието во 1997 година. Како член на официјални делегации на Собранието непосредно учествувал во работата на повеќе меѓународни организации (ОБСЕ, Совет на Европа, Интерпарламентарна унија, Западно Европска унија, Централно Европска иницијатива) и разни институции во земјата и во странство. Раководел и ја координирал работата на 41 пратеничка група на Собранието за соработка со странство, во кое својство престојувал повеќе пати во странство, како и во Европскиот парламент и Советот на Европа.
Од 2004 до 2006 година бил Државен советник на двајца претседатели на Владата на Република Македонија за областите: економски прашања и за надворешна политика. Како член на официјални делегации на Владата на Република Македонија учествувал на средби и разговори на највисоко ниво со премиерите на повеќе земји. Како овластен преговарач остварил бројни преговори во интерес на Република Македонија, а особено во доменот на странските инвестиции и соработка со европски организации и институции.
Од септември 2005 година е вработен како вонреден професор, а од 2010 како редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Проф. Пејковски има остварено повеќе студиски престои и учество на семинари и советувања во странство и тоа во: Советот на Европа, во Европскиот парламент, НАТО, Западно Европската Унија, Северно Атлантското Собрание, Британскиот парламент, Белгискиот парламент, како и парламентите на Полска, Швајцарија, Словенија, Австрија, Бугарија, Франција, и други.
Учествувал со свои настапи и предавања на бројни меѓународни конференции во Вилтон Парк, Лондон, организирани од Британскиот Форин офис, потоа во афирмираниот Салзбург-семинар, во Австрија: за интеграциите во Европа 1994 г. и од областа на меѓународните односи и финансии 1995 год. Остварил студиски престој во Јапонија во 1997 година, каде одржал предавања од областа на економијата и се стекнал со најсовремени знаења за макроекономската политика, надворешната трговија и за менаџмент системите и процесите на управување на оваа земја.
Проектни активности.
Има објавено над 170 научни и стручни трудови како и книги од економската област, од областа на претприемништвото, економско-социјалниот развој, меѓународната економска соработка, економија на ЕУ, надворешната трговија, менаџментот, економско системските прашања, здравственото и социјалното осигурување, човечките ресурси и др.
Изработил и учествувал во изработката на повеќе значајни проекти, студии, анализи, одлуки и акти за потребите на Владата и за Собранието на Република Македонија. Подготвил и учествувал во подготвувањето на повеќе закони и други прописи од економскиот систем, социјалната политика и меѓународната соработка усвоени од Собранието и од Владата.
Тој бил член на истражувачкиот тим на Македонската академија на науките и уметностите што во 1997 година ја подготви и објави “Националната стратегија за економскиот развој на Република Македонија – развој и модернизација”.
Остварил подолг студиски престој во Меѓународниот институт за јавна админстрација во Париз, Франција, каде се усовршувал во областа на меѓународните односи и меѓународниот менаџмент. Во 2000 година претстојувал во Меѓународниот институт за економски истражувања во Виена, Австрија во доменот на економскиот развој и европските интеграции. Во 2000 година остварил едномесечен студиски престој во Универзитетот во Бристол, Велика Британија во доменот на меѓународната соработка. Соработува со меѓународните организации кои работаат во Република Македонија за унапредување на законодавството и за советување согласно програмите на НИКЛ, УНДП, УСАИД, ЕУ и други.
Учествувал во повеќе проекти организирани во разни домени на економската и социјалната сфера од Европскиот центар за истражување и развој, Стопанската комора на Македонија, ФАРЕ проектот, со Универзитетот во Бристол, Велика Британија, Фондацијата Фридрих Еберт Штифтунг, Програмата на ООН за развој (УНДП), Министерството за финансии и други.
Од 2007 до 2017 година учествал во работни групи во Министерството за труд и социјална политика во изработката на законски акти и документи од надлежност на ова министерство и тоа за: социјална заштита, социјална инклузија, за детска заштита и за демографскиот развој. Дел е од тимот на УНДП што ја подготви и објави книгата: Граѓански заснована анализа 2009 година.
Под негово раководство како национален координатор во 2010 година изготвена е Стратегијата за социјална инклузија во Република Македонија, а во 2013 година и ревизија на оваа Стратегија, усвоена од Владата на Република Македонија. Бил тим лидер за подготвување на Анализа на состојби и проблеми во областа на социјалното домување во Република Македонија, Проценка на влијанието на регулативата (РИА) со понуда на опции, како и за Анализа и проценка на влијанието на социјалното претприемништво во Република Македонија.
Во периодот од 2010 до 2012 година проф. д-р Јован Пејковски учествувал како експерт за општествени влијанија во изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социо-економските аспекти за Железнички коридор VIII, Источна делница. Носител на проектот беше конзорциум предводен од ЕПТИСА Мадрид и ДБ (Германски железници), а Студијата беше финансирана од Европската банка за обнова и развој од Лондон.
Во 2013 година е дел од тимот кој изработи Анализа на состојби и можности за уредување на опфатот и звањата во јавната администрација во Република Македонија со понуда на опции, како и Проценка на влијание на регулативата за промените во оваа област. Исто така во 2013 година учествуваше во тимот експерти кои го подготвија Каталогот на работни места во јавниот сектор во Република Македонија за потребите на Министерството за информатичко општество и администрација.
Во 2014 година подготвил Анализа за социјалното претприемништво, со понуда на опции и Анализа за влијание на регулативата во врска со донесувањето на прописи за социјалното претприемништво. Исто така подготвил текст на Предлог за донесување на закон за социјално претприемништво во Република Македонија а автор е на книгата Социјално претприемништво.
Бил член на Националната комисија за лиценцирање на професионалци во институциите за социјална заштита во Македонија, Завод за социјални дејности, 2011-2017 година.
Во 2014 учествувал во тимот за подготвувањето на Нацоналната стратегија за демографска политика на Република Македонија од 2015 до 2024 година.
Бил член на тим на стручни лица што подготвуваат Каталог на вработени во јавниот сектор, јавна администрација и јавни претпријатија за Владата и Министерството за информатико општество и администрација, 2014 година.
Во 2017 година учествувал како сениор експерт во реализација на проектите финансирани од Европската унија и тоа: Реформи во водостопанскиот сектор на централно ниво и Јакнење на социјалното претприемништво.
Зборува одлично англиски јазик и француски јазик, а поседува и одлични информатички знаења.
Неговите долгогодишни искуство во областа на креирањето на политики и стратегии на макроекономско ниво, на социјална и економска политика, едукација и подготовка на кадри за системски прашања во рамките на институциите, преговарање, како и за стратешко планирање и лобирање се од извонредно значење за развојот на Република Македонија и за остварување на нејзината евроатлантска припадност.