Проф. д–р Ружица Керамичиева
Проф. Ружица Керамичиева, е родена во Суботица, на 5.10.1930 година. Со високо образование се стекнала на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Белград (1961), каде исто така магистрирала (1969) и докторирала (1976). На Филозофскиот факултет во Скопје се вработила во 1976-та година, а се пензионирала во 2001-та година. Работела во областа на развојната психологија, психологијата на воспитувањето и образованието и методиката на настава по психологија. Починала во март, 2019 година. Проф. Керамичиева ги предавала предметите: развојна психологија (во учебната 1986/87 овој предмет го предавала и на Дефектолошкиот факултет во Белград), методика (за студентите по психологија) и психологија (на Филозофскиот и на Филолошкиот факултет, за непсихолози). Таа зад себе оставила голем број пишани трудови. Од нејзиниот учебник „Психологија во образованието и воспитанието“ наменета за студентите на наставничките факултети се образувале голем број идни наставници. Предмет на нејзиното научно проучување биле говорот и мислењето кај децата, а најсилен печат оставила во областа на методиката, каде долги години од своето професионално работење ги имплементирала концептите на интерактивно учење и активна настава.