Проф. д-р Натка Мицковиќ (1943 – 2022)

Редовен професор

Професор д–р Натка Мицковиќ е родена на 25 февруари 1943 година во Радовиш. Во 1962 година завршила учителска школа. Во 1969 година дипломирала на студиите по педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Постдипломски студии по педагогија запишала на Филозофскиот факултет во Белград каде магистрирала на темата „Современите сфаќања за наставата по математика и можностите за реализација на новите наставни програми во Македонија” во 1980 година. Докторската дисертација на тема „Литературата за деца и нејзините воспитни можности” ја одбранила на Филозофскиот факултет во Скопје во 1986 година со што се стекнала со звањето доктор по педагошки науки. Во периодот од 1986 – 1993 година остварила студиски престои на Институтот за педагошки истражувања во Париз. Била и стипендист на француската влада за едногодишен студиски престој во Франција, при што посетувала и настава на трет степен на Универзитетот Париз 5 на Сорбона, на Одделот за науки за воспитанието.

Во периодот од 1962 до 1973 година Натка Мицковиќ работела како новинар и уредник во весникот „Млад борец”. Од 1973 до 1977 година работела како уредник во издавачката куќа за учебници „Просветно дело”. Била вклучена во детската организација Сојуз за грижи и воспитување на деца на Македонија и Југославија, како и во асоцијацијата на издавачите на учебници на Југославија каде била ангажирана за вреднување на стручните, дидактичко – методските и ликовно – техничките квалитети на учебниците. На Филозофскиот факултет во Скопје се вработила како асистент во 1977 година, а звањето редовен професор го стекнала во 1992 година. Проф. д-р Натка Мицковиќ реализирала настава по предметот Методологија на педагошките истражувања со статистички практикум на Институтот за педагогија и на поранешната Педагошка академија. Потоа овој предмет го развива и реализира преку две предметни програми Методологија на педагошките истражувања и Статистика. На Институтот за одбрана на Филозофскиот факултет во Скопје го предавала предметот Методологија на научно-истражувачката работа. Била реализатор на предмети од областа на методологијата и на постдипломските студии по педагогија, како и ментор и член на комисии на голем број магистерски и докторски трудови. Била раководител на десетина научно –истражувачки проекти. и рецензент на повеќе ракописи на стручно-научни изданија.

Научниот интерес на проф д-р Натка Мицковиќ во почетокот бил насочен кон дидактички и методски прашања на основношколската настава и литература за деца. Била член на експертски групи за изготвување програми за лектирни изданија за ученици од основно образование. Подоцна од 1987 година научните интереси се повеќе насочени кон современите аспекти на развојот на методологијата на научно – истражувачката работа во педагогијата. Била во постојана комуникација со престижни педагошки институции во Европа со континуирано следење на современети тенденции во научно –истражувачката работа во светот и заложба за нивна примена во педагошката теорија и практиката во Македонија. Одржала бројни предавања од областа на методологијата на педагошките истражувања, како и семинари и курсеви за научно- истражувачки проекти, методи и техники на квантитативната и квалитативната методологија, видови на педагошки истражувања, вреднување на воспитно – образовната работа во основното училиште, итн. Во текот на својата професионална кариера објавила значајни трудови во стручната и научната периодика во земјата и во странство на теми од областа на методологијата „Курикулум свртен кон ученикот”, „Што да ce вреднува во воспитанието и образованието”, „Истражување на воспитно-образовниот процес”, „Вреднување на наставата”, „Набљудување на воспитно-образовните ситуации во една училница”, „Проекција за работата на училиштето”,„Промените во наставата” и ”Методологија на воведување промени во наставата”.



Библиографија

  • Мицковиќ, Н. (1984). Современи сфаќања за наставата по математика во основното училиште. Скопје: Просветно дело.
  • Мицковиќ, Н. (1985). Детето и литературата за деца.Скопје: Македонска книга.
  • Мицковиќ, Н. (1988). Литературата за деца и нејзините воспитни можности. Скопје: Завод за стопанство и општествени дејности.
  • Мицковиќ, Н. (1992).”Современи текови во научно-истражувачката работа во педагогијата”, Сепаратно издание 9. Скопје:Просветно дело – Педагошка библиотека.
  • Мицковиќ, Н. (1988). „Вреднување на воспитно-образовниот процес” (специјален прилог), Просветен работник, бр. 850
  • Мицковиќ, Н. (1997).”Специјалното образование на децата со пречки во развојот во Енциклопедискиот речник на ”Натан”, Дефектолошка теорија и практика, 1/1997. Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија – Развојoт и модернизација,
  • Мицковиќ, Н. (1995).”Вреднување на букварот и првата читанка”, ”Вреднување на работните тетратки за основното училиште”,”Вреднување на наставната програма по математика од прво до четврто одделение, на учебната, прирачната литература и на дидактичкиот материјал”. Монографијата ”50 години Просветно дело – Учебници на мајчин јазик”. Скопје: Просветно дело.
  • Journées de l’Accompagnement scolaire, Paris, INRP, 22 et 23 juin, 1993 co прилогот ”Соработката на родителите и предучилишните установи во Р. Македонија”.
  • Pour un nouveau bilan de la Sociologie de la l’Education, Paris, INRP, 25 – 26 – 27 mai, 1993 co прилогот ”Видови на истражувања на наставата”.
  • Didactique de Mathеmatique, Paris, 19 – 21 mai, 1993 co прилогот: ”Евалуација на учебниците по математика за основното училиште”.
  • Biennale de l’Education et de la Formation , Paris, La Sorbonne, 9-2 avril, 1994 – Дебата за истражувања и иновации во образованието: ”Евалуација на системот за воспитание и образование во Р. Македонија”.
  • Biennale de l’Education et de la Formation, Paris. La Sorbonne – CNAM, 18 – 21 avril, 1996 co соопштение на тема ”Иновација во образованието на наставниците во Р. Македонија”.
  • Deuxième Congres International d’Actualité de la Recherche en Education et Formation, Université de Paris X, 1,2, et 3 juillet, 1996 co дискусија на тема ”Дилеми околу перманентното образование на наставниците”.
  • Меѓународен симпозиум Оценување на постигањата на учениците, Скопје, 12 – 14 ноември, 1997, со дискусија на тема ”Кои критериуми за оценување на учениците”.
  • Меѓународен научен собир во Брезовица, СР Југославија ”Од првиот буквар до компјутеризација на букварската настава”, 7 и 8 ноември, 1997, со соопштение на тема ”Вреднување на првата школска книга”.
  • Општествената транзиција и образованието, Струга, 3 и 4 октомври, 1997 со соопштение на тема ”Современи текови во педагошките истражувања”.
  • Biennale de l’Education et de la Formation – Paris, La Sorbonne – CNAM, 15 – 18 avril, 1998 co соопштение на тема ”Воспитување за средината во Р. Македонија”.