Проф. д-р Благородна Камчева Лакинска (1946 – 2006)

Редовен професор

Професор д-р Благородна Камчева Лакинска е родена на 9 август 1946 година во с. Бохула, Тиквеш. Основно училиште завршила во родното место, учителско училиште во Скопје. Во 1970 година дипломирала Педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1981 година магистрирала при Центарот за информациски науки на Универзитетот во Загреб, а со докторатот по педагошки науки се здобила во 1989 година на Филозофскиот факултет во Скопје. Во периодот од 1971 до 2006 година работела на Филозофскиот факултет во Скопје. Во академското звање доцент била избрана во 1989 година, во звањето вонреден професор била избрана во 1994 година, а во 1999 година била избрана за највисокото академско звање редовен професор по предметите Дидактика, Советување и ориентација и Педагогија – општ курс.

Работниот век на проф. Лакинска се одликувал со богата општествено-стручна дејност. Била продекан на Филозофскиот факултет, раководител на последипломските студии при Институтот за педагогија, претседател на Републичкиот педагошки совет на Македонија, претседател на Советот за обука на наставниците при Министерството за образование, член на комисијата за формирање на Педагошкиот факултет во Штип, претседател на Управниот одбор на Домот на просветните работници на Република Македонија, директор на Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука. На Филозофскиот факултет во Скопје предавала на институтите за педагогија и дефектологија, ја реализирала наставата по предметите Дидактика (Општа дидактика I и II, Образовна технологија, Развој на курикулум) и Педагогија (Училишна педагогија и Педагогија – општ курс). Предавала на Природно-математичкиот факултет и на Филолошкиот факултет во Скопје, како и на Педагошкиот факултет во Штип и на Учителскиот факултет во Битола. Била наставник на последипломските студии по Педагогија и на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Била ментор и член на комисии на повеќе магистерски и докторски дисертации.



Библиографија

  • Нова концепција на Државниот просветен инспекторат, 2004;
  • Прирачник „Споменици на културата и архитектонските објекти“, 2004 (коавтор);
  • Прирачник и Работни тетратки по урбана култура за гимназија, 2003;
  • Интерактивна комуникација во воспитно-образовната работа на училиштето, 2001;
  • Комуникацијата во воспитно-образовната работа на училиштето, 2001;
  • Односот помеѓу целите на наставата и оценувањето успехот на учениците, 1999;
  • Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија – Развојoт и модернизација, МАНУ, 1977
  • Проекција на развојот, иновирањето и трансформирањето на системот на воспитанието и образованието во Република Македонија, 1994 (коавтор);.
  • Самостојната работа на ученикот во наставата, 1992 и 1996 .