Проф. д–р Снежана Миркова Адамческа

Редовен професор

Професор д–р Снежана Миркова Адамческа е родена на 8 мај 1950 година во Делчево. Дипломирала во 1973 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во периодот од 1976 до 1977 година била наставник во Работничкиот универзитет Кочо Рацин во Скопје. Oд 1977 година била асистент на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Магистрирала во 1983 година на постдипломските студии по педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје со тезата „Ефикасноста на образовната телевизија во наставата по ЗПО во четврто одделение “, на истиот факултет во 1988 година успешно ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Тандемската работа на учениците како облик на наставна работа “ со што се стекнала со звањето доктор по педагошки науки. Во звањето доцент била избрана во 1985 година, во звањето вонреден професор била избрана во 1993 година, а во 1998 година била избрана за највисокото академско звање редовен професор.

Работниот век на професорката Адамческа се одликувал со забележителен стручен ангажман. Била член на Комисијата за образование при Националниот комитет на УНЕСКО, председател на Комисијата за евалуација на нови учебници од природно – научното програмско подрачје во основното образование при МОН, била член на Комисијата за изработка на стандарди во високото образование во РМ, председател на Комисијата за изведување приправнички испити на наставниците почетници во основните училишта при МОН, раководител на Советот за постдипломски студии при Институтот за педагогија, член на Комисијата за настава и наука во Ректоратот на УКИМ, Скопје. Во период од 1989 до 1991 година ја извршувала функцијата на продекан за настава и наука на Филозофскиот факултет во Скопје, а подоцна од 1992 година и функцијата на в.д. декан на Филозофскиот факултет во Скопје. Исто така таа била и член на Сенатот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“. Проф. д-р Снежана Миркова Адамческа била реализатор на редовната настава на Институтот за педагогија, Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет во Скопје. Ја реализирала наставата по предметите: Дидактика на математичко програмско подрачје, Дидактика на општественото и природно научното програмско подрачје, Педагошки дизајн, Педагогија (општ курс) и Педагогија со дидактика. Учествувала на повеќе меѓународни научни и стручни собири. Била вклучена во многубројни меѓународни и национални образовни проекти и програми, како и бројни научни истражувања. Остварила студиски престој во Велика Британија, потоа на Универзитетот во Клагенфурт, Австрија, на Универзитетот Фонтис во Холандија. Исто така има остварено студиски престој во Турција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Италија.

Научен интерес ѝ била дидактичко-методичката проблематика, посебно иновативните техники и методи на наставата. Автор е на над 80 стручни и научни трудови и на неколку учебници за основно образование.



Библиографија

  • Да ги запознаеме природните катастрофи“ (преведена на англиски), УНИЦЕФ, Скопје, 1998 ;
  • „Почетно читање и пишување“(прирачник за наставници), 1997,  Просветно дело, Скопје;
  • „Активната настава“, (методички основи), Легис, Скопје, 1996;
  • „Методски прирачник за ученичка лектира“ (I- IV одделение), Легис, Скопје, 1994;
  • „Тандемската работа на учениците„ , Просветно дело, Скопје, 1991.
  • „Работни листови по Природа и општество за трето одделение“  (1998,2004), Табернакул, Скопје ( превод на албански, турски и српски јазик);
  • „Природа и општество за трето одделение“  (1998, 2004) Табернакул, Скопје (превод на албански, турски и српски јазик) ;
  • „Тетратка за почетно пишување“  (1996-2004), Просветно дело, Скопје
  • „Читанка за прво одделение“  (1996/1997, 1999/2000), Просветно дело, Скопје ;
  • Буквар за прво одделение“  (1996/1997, 1999/2000), Просветно дело, Скопје
  • Тетратка за почетно пишување “ (нов линиски систем) .