Проф.д-р Анатоли Дамјановски (1928-1996)

Редовен професор

Проф. д-р Антоли Дамјановски е роден на 10 април 1928 година во с. Лазарополе. Основно образование и нижа гимназија завршува во Скопје, а потоа, во 1947 година и Учителска школа. По завршувањето на Педагошките студии во 1951 година, две години работи како професор по педагошките предмети во Учителската школа во Битола. Во 1954 година е избран за асистент на тогашната Катедра за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, а 7 години подоцна, односно во 1961 година, за предавач по предметот дидактика на истата катедра. Кон крајот на 1966 година го брани својот хабилитациски труд Основни и битни обележја на свесната активност како дидактички принцип, после што е избран за доцент по предметот дидактика. Со звањето вонреден професор се здобива во 1972 година, а 5 години потоа со звањето редовен професор.

Во период од 1969 до 1972 бил директор на Републичкиот завод за унапредување на школството; продекан на Филозофскиот факултет; проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; републички секретар (министер) за образование и наука (1978-1986); претседател на Одборот за образование при Југословенската комисија за соработка со УНЕСКО; претседател на Републичкиот педагошки совет; претседател на Педагошкото друштво на Македонија; главен и одговорен уредник на списанието „Просветно дело” и др. Автор е на околу 150 стручни и научни трудови.

Неговиот истражувачки интерес бил насочен кон проучување на проблеми од дидактиката и воспитно – образовната работа. Во 1976 година ја има добиено Наградата Климент Охридски, како највисоко републичко признание, за особено значајни постигања во воспитно – образовната дејност.



Библиографија

  • Индивидуализација на наставата, 1993. Скопје: Просветно дело.
  • Ученикот во наставата, 1989. Скопје: Просветно дело.
  • Маркс, Енгeлс, Лeнин за воспитаниeто и образованиeто, 1963 (коавтор) и др.