д-р Марија Костова
Професор д-р Марија Костова е родена во Крушево на 5 април 1946 година, каде што завршила основно и средно гимназиско образование. Во 1969 година дипломирала на Катедрата за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во февруари 1970 година се вработила на Филозофскиот факултет како асистент по предметите Општа педагогија I и II дел и Методика на воспитна работа. Во јануари 1981 година магистрирала на Филозофскиот факултет во Сараево и се здобила со научното звање магистер по педагошки науки. Во мај 1983 година била избрана за предавач на ННСГ за педагогија по предметите Методика на воспитна работа и Педагогија општ курс. Во 1989 година успешно ја одбранила својата докторска дисертација на тема „Основните теориски проблеми во конципирањето на работното и политехничкото воспитание“. Во академското звање доцент била избрана во март 1990 година, во звањето вонреден професор била избрана во 1995 година, а во март 2000 година била избрана за највисокото академско звање редовен професор.
На Институтот за педагогија бил забележителен нејзиниот ангажман во редовната настава, постдипломските и специјалистичките студии. Учествувала на повеќе стручно – научни собири, симпозиуми, конференции и сл. Проф. д-р Марија Костова е авторка на повеќе книги и прирачници кои дале значаен придонес за зголемувањето на ефикасноста во работата со студентите.
Покрај работниот ангажман таа била член на Републичкиот педагошки совет, член на редакцијата на списанието „Просветно дело“, раководител на Институтот за педагогија, член на матичната комисија за формирање на Педагошкиот факултет во Скопје, а подолг период изведувала настава на новоформираните факултети во Скопје, Штип и во Битола.
Објавила поголем број трудови од областа на општопедагошката проблематика меѓу кои „Третманот на целта на воспитанието во педагошката наука“, „Развојот на воспитанието и образованието во Република Македонија во услови на општествени промени“, трудовите кои ja опфаќаат воспитната функција на училиштето и неколку труда кои ja покриваат и проблематиката на семејното воспитание.
Со целокупната своја научна дејност направила значаен продор и ja обогатила нашата педагошка мисла, посебно на подрачјето на теоријата на воспитанието и методиката на воспитна работа. Нејзиниот научен опус бил производ на долготрајна научноистражувачка работа, искуство и критичко преиспитување. Научните трудови на професорката Марија Костова се општоприфатени и широко цитирани од научниците од подрачјето на теоријата на воспитанието, општата педагогија и методиката на воспитна работа.
Истражувачки интереси: општа педагогија, методика на воспитна работа, педагогија општ курс, семејна педагогија, педагогија на слободно време и домска педагогија.
Библиографија
„Воспитната функција на современото училиште“ – Меѓународни педагошки средби „Учителот на 21 век“ (2002);
„Експерименталните училишта во функција на методиката на воспитна работа“, Меѓународен собир – Експерименталните училишта како носители на развојните промени (2001);
„Образованието на Балканот – состојби и перепективи“, Меѓународен собир (2000);
„Развојот на воспитанието во Република Македонија во услови на општествени промени“, Научен собир – Општествената транзиција и образованието (1997);
„Педагошкото образование на наставничките кадри во Република Македонија“, Научен собир – Профилирањето, образованието и оспособувањето на наставничките кадри како носители на едукативните процеси во Република Македонија (1997);
„Третманот на целта на воспитанието во педагошката наука“, Научен собир – Современите општествени промени и целта на воспитанието (1996);
„Современото семејство и воспитанието“, Научен собир – Семејството и воспитанието на детето во современи услови (1994);
„За современиот однос на педагогијата и психологијата“, Научен собир – Психологијата и транзицијата (1994) и др.
Педагогија за трета година гимназиско образованис, 2005, (коавтор)
Оптовареноста на учениците, 1995;