Институт за педагогија

д-р Љупчо Копровски

Редовен професор

Проф. д-р Љупчо Копровски е роден на 17 мај 1929 година во градот Охрид. Основното образование и гимназијата ги завршил во родниот град. Во 1953 година дипломирал педагогија на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје. Во периодот од 1954 до 1959 година работел во Учителската школа „Никола Карев“. Во февруари 1959 година бил избран за асистент при катедрата за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1961 година бил избран за предавач по предметот Педагогија со основи на психологија, a во 1964 година за предавач по предметот Општа педагогија. Во 1966 година го одбранил хабилитацискиот труд на тема „Моралното воспитување како педагошки проблем“. Во академското звање доцент бил избран 1966 година, во звањето вонреден професор бил избран 1972 година, a во 1977 година бил избран во највисокото академско звање редовен професор за предметот Општа педагогија I и II. Во периодот 1972-1978 година бил републички секретар со чин министер за образование и наука. Помеѓу 1981 и 1985 година бил декан на Филозофскиот факултет.

Покрај професорската дејност, тој се одликувал со изразита општествена активност. Негови најзначајни функции биле: Претседател на Педагошкото друштво на Македонија и секцијата за образование на ССРНМ; член на редакцискиот одбор на сојузното списание Педагогија; главен и одговорен уредник на списанието „Просветно дело“. Член на Претседателството на советот за заштита на човековата околина на СРМ и на Комисијата на претседателството на централниот комитет на СКМ за идејно-политичка и теоретска работа во образованието, науката и културата. Во 1972 година бил член на извршниот совет на Собранието на СРМ и републички секретар за образование и наука, а истата таа година бил одликуван со Орден на трудот со златен венец.

Во текот на својот работен век професорот Љупчо Копровски учествувал на бројни конгреси и научни симпозиуми.

Објавил поголем број трудови меѓу кои „Развојот на самоуправните општествено-економски односи и изградбата на самоуправната школа“, „Планирање на насоченото образование“, „Општествените и педагошките аспекти на запишувањето и напредувањето на учениците и студентите во средните и високите школи“, „Науката и образовната политика“.

Проф. д-р Копровски бил член на Комисии за одбрана на повеќе од десет докторски дисертации и автор на 120 трудови.

Со целокупната своја научна дејност, професорот Љупчо Копровски направил значаен продор и ja збогатил нашата педагошка мисла, посебно на подрачјето општа педагогија.

Се занимавал со општопедагошка проблематика и прашања на воспитно образовниот систем. Отворал и истражувал деликатни прашања и недоволно истражувани подрачја на современата педагогија, го прател и проучувал воспитанието и образованието во нашата земја, но и во светот. Во целиот изминат период на наставно-научната студиска група за педагогија ja изведувал наставата по предметот Општа педагогија, a од 1977 година учествувал во изведувањето на наставата на постдипломските студии.



Библиографија

„Значењето на Карл Маркс за развитокот на социјалистичката педагогија“, Научен симпозиум – Карл Маркс и савременост (1983);

„Развитокот на самоуправните општествено-економски одиоси и изградбата на самоуправната школа“,  Научен симпозиум –  Аспекти на изградбата на социјалистичката самоуправна школа,(1982);

„Науката и образовната полптика“,  Научен симпозиум –  Меѓузависноста на образовната, научната и социјалната политика и политиката на вработувањето; 

„Актуелна питања y планирању кадрова“, Третиот конгрес на андрагози на Југославија (1980);

Педагогија (прер. издание), 1998;

Педагогија, 1965 (коавтор);

Главни фактори во развојот на личноста, 1964;

Маркс, Енгелс, Ленин за воспитанието и образованието, 1963 (коавтор);