Институт за педагогија

д-р Бранко Петровски

Редовен професор

Проф. д-р Бранко Петровски е роден на 23 јануари 1922 година во с. Пожаране, Гостиварско. Во 1942 година завршил учителска школа во Белград. Во 1950 година завршил студии по Педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, на истиот факултет во 1978 година се здобил со титулата доктор по педагошки науки. Како професор на Филозофскиот факултет во Скопје работел во периодот од 1961 до 1963 и подоцна од 1973 до 1987 година. Во еден период од својот живот, проф. д-р Бранко Петровски работел како средношколски професор во Учителската школа „Никола Карев“ во Скопје. Помеѓу 1981 и 1983 година бил декан на Филозофскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1983 до 1985 година работел како раководител на Институтот за педагогија. Професор Петровски бил советник во Републичкиот завод за проучување и унапредување на школството и професор на ВПШ, односно Педагошката академија „Климент Охридски“ во Скопје. Бил претседател на Педагошкиот совет на СРМ, главен и одговорен уредник на сп. „Просветно дело“. Автор е на стотина стручни и научни трудови од областа на педагогијата и на психологијата. Ја изведувал наставата по предметите Педагогија со основи на психологијата и Советување и ориентација. Бил учесник во НОБ.

Библиографија:

Педагогија, (коавтор). 1965. ; Структурата на учебникот, 1994 и др.