д-р Кирил Ќамилов
Проф. д-р Кирил Ќамилов е роден на 22 февруари 1899 година во Велес. Студирал во Прага (1920-1924) каде завршил студии по педагогија. Специјализирал и докторирал во Франција (Нанси, Париз) под менторство на познатиот Проф. М.П.Фоконе (M.P.Fauconnet) од Универзитетот „Сорбона”. Во 1936 година го објавил својот докторски труд на тема „Прилог кон проучувањето на едукацијата на деца-методи и современи теории”, со што се стекнал со звањето доктор по педагошки науки. Истовремено се занимавал со педагошка и професорска дејност во Париз и Нанси при институтот Анри Поанкаре (Henry Poincaret). Од 1947 до 1953 година работел како професор на Филозофскиот факултет во Скопје, каде предавал Историја на педагогија. Подоцна бил научен соработник, а еден период и директор на Институтот за фолклор, каде работел до пензионирањето во 1968 година.
Во периодот од 1936 до 1939 година бил учесник во Интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна. Делувајки како офицер за врски, стапил во контакт со голем број на видни личности на тоа време. По победата на франковистите принуден бил да емигрира со републикански пасош (под име Juan Lopez Garcia) и бил интерниран во Винковци од каде како член на отпорот илегално бил префрлен во Македонија и вклучен во НОБ, во бригадата Гоце Делчев.
Како делегат и активист делувал во Националниот комитет на македонската емиграција во Софија од каде подоцна, со декрет на Министерството за Просвета бил упатен во Скопје каде 1947 година бил еден од основачите на Филозофскиот факултет и Катедрата по педагогија.
Интензивно занимавајќи се со истражувачка дејност дошол до значајни изворни материјали за македонските преродбеници кои ги обработил и објавил во стручната литература. Значајни откритија се оригиналните преводи и текстови на Григор Прличев. Во периодот по 1954 стекнувал научна титула и истражувал во Архивот на Македонија, Институтот за национална историја и Институтот за фолклор.