НАУЧНОИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЕКТ · МОН · 2025–2026
Детерминанти на повеќедимензионалната сиромаштија
Просторно мапирање и нови одредници за социјалните и развојните политики на национално ниво
ФИНАНСИЕР
Министерство за образование и наука
НОСИТЕЛ
Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
ВРЕМЕТРАЕЊЕ
07.08.2025 – 31.10.2026
ДОГОВОР
бр. 15-6171/10 и 03-1519/1 од 07.08.2025
Резиме на проектот
Постоечките истражувања за сиромаштијата во Македонија (World Bank, 1999; Димитриевска, 2002; Геровска-Митев, 2012; Петрески, 2021), како и официјалните статистички податоци (Државен завод за статистика, 2025), укажуваат дека покрај приходот, дополнителни фактори кои влијаат врз сиромаштијата се: нискиот степен на образование, местото на живеење, економскиот статус, како и бројот на членови во домаќинството. Оваа комплексност, заедно со недостатокот на студии кои ги интегрираат влијанијата на различните димензии и нивните синергии, ја нагласува потребата од примена на повеќедимензионални модели за проценка, инспирирани од веќе постоечките глобални практики, кои би овозможиле холистички пристап кон теоретскиот и апликативниот третман на проблемот сиромаштија. Токму тоа беше мотивацијата за спроведување на овој научноистражувачки проект.
Проектот го надминува редукционистичкиот пристап кон сиромаштијата, кој традиционално се фокусира на приходот, со вклучување на повеќедимензионални индикатори. Со комбинација на квантитативни, квалитативни и геопросторни методи, ова истражување нуди нови податоци за структурните детерминанти на сиромаштијата и нивната просторна дистрибуција во земјата. Ова ја проширува теоретската рамка за разбирање на сиромаштијата како динамичен феномен, вклучувајќи ги социјалните, развојните и инфраструктурните аспекти.
Истражувањето е прво од ваков вид на национално ниво што интегрира геопросторни анализи со квалитативни методи, односно фокус групи со корисници од системот на социјална заштита. За разлика од конвенционалните статички методи, ова истражување користи иновативен пристап преку мапирање на оддалеченоста до основните услуги, што овозможува реална просторна анализа на депривираноста на сите населени места во земјата. Дополнителниот фокус врз социјално ранливото население ги прави податоците уникатни и релевантни за дизајнирање на инклузивни и развојни политики.
Проектот во бројки
КВАНТИТАТИВЕН МЕТОД
Просторно мапирање
80
општини
8
плански региони
1.574
населени места
12
индикатори
КВАЛИТАТИВЕН МЕТОД
Теренско истражување
8
општини
32
фокус групи
152
корисници
57
стручни работници
Цели на проектот
01
Цел 1. Просторно мапирање на повеќедимензионалната сиромаштија
Да се утврди колку е распространета повеќедимензионалната сиромаштија во државата и каде е таа географски најконцентрирана. Мапирањето ги опфати сите 80 општини и градот Скопје и осумте плански региони и комбинира два вида податоци. Првиот вид се пописните податоци од 2021 година за образованието, вработеноста на младите, домувањето, санитацијата, водоснабдувањето и греењето. Вториот вид е просторната оддалеченост: за секое од 1.574 населени места е пресметана оддалеченоста по возната патна мрежа (OpenStreetMap) до најблиското основно и средно училиште, установа за примарна здравствена заштита, болница и зелена површина. Локациите на установите се преземени од националните отворени податоци и административните регистри, а координатите на населените места се проверени со Пописот од 2021 година. Населеното место се смета за депривирано кога оддалеченоста го надминува утврдениот праг, на пример 2,5 km до основно училиште или 30 km до болница. Со тоа за првпат се доби национално репрезентативна слика за повеќедимензионалната сиромаштија на ниво на општина, која ја зема предвид и пристапноста до основните услуги.
02
Цел 2. Детерминанти на сиромаштијата кај корисниците на социјална заштита
Да се идентификуваат клучните детерминанти на повеќедимензионалната сиромаштија кај корисниците на права на парична помош од социјална заштита. Теренското истражување опфати корисници на гарантирана минимална помош, детски додаток и надоместок заради попреченост, како и корисници на народни кујни. Преку 32 фокус групи во осум општини од сите осум плански региони се истражуваше како корисниците ја доживуваат сиромаштијата, со кои депривации се соочуваат во образованието, вработувањето, домувањето, исхраната и здравјето и колку им помагаат правата што ги користат. Транскрибираниот материјал од фокус групите е анализиран со тематска анализа во програмата ATLAS.ti, а податоците од прашалниците со корисниците се обработени со SPSS. Врз основа на нив беше конструиран Индекс на повеќедимензионална депривација од осум индикатори. Перцепциите на корисниците беа споредени со перцепциите на 57 стручни работници од центрите за социјална работа и давателите на социјални услуги, собрани преку електронски прашалник во Qualtrics.
03
Цел 3. Зајакнување на теоретските основи на проучувањето на сиромаштијата и развивање алатки за социјалните и развојните политики
Наодите од двата метода (квантитативниот и квалитативниот) да придонесат за зајакнување како на научната основа за истражувањата за сиромаштијата, така и на апликативната основа врз која можат да се креираат развојни и социјални политики на локално и на национално ниво. Резултатите од геопросторното мапирање се јавно достапни преку интерактивната веб-платформа Атлас за повеќедимензионална сиромаштија, на македонски, албански и англиски јазик. Платформата нуди национален преглед, профили на секоја општина и регион и карти на депривација, а е предвидено нејзино ажурирање со новите пописни и административни податоци. Врз основа на двете компоненти се изведени препораки за територијално насочување на ресурсите кон најзагрозените општини на национално ниво и за интегрирани и диференцирани услуги за секоја целна група на локално ниво.
Тек на проектот
август 2025, потпишан договор
септември – декември 2025
квалитативен метод · ное 2025 – мај 2026
квантитативен метод · јан – јун 2026
28–29 септември 2026
септември – октомври 2026
Резултати од проектот
Резултатите од проектот се објавени во монографија и во бриф за политиките, претставени и дискутирани на меѓународна научна конференција во Скопје и јавно достапни преку интерактивна веб-платформа. Два научни труда, засновани на двете компоненти на истражувањето, се во завршна фаза за објавување во меѓународни рецензирани списанија.
ВЕБ-ПЛАТФОРМА
Атлас за повеќедимензионална сиромаштија
Интерактивна платформа со национален преглед, профили на сите општини и региони и карти на депривација, на македонски, албански и англиски јазик.
МОНОГРАФИЈА
Повеќедимензионална сиромаштија: перцепции и состојби на локално ниво
Извештај од теренско истражување. Скопје: Филозофски факултет, 2026, ISBN 978-608-238-271-5.
Монографијата ги претставува наодите од теренското истражување со 152 корисници на социјална заштита во осум општини: нивниот социо-демографски профил, Индексот на повеќедимензионална депривација, наодите за секоја целна група и перцепциите на стручните работници.
БРИФ ЗА ПОЛИТИКИТЕ
Повеќедимензионална сиромаштија кај корисниците на социјална заштита: клучни наоди и препораки за националните развојни и социјални политики
Скопје, 2026.
Брифот е наменет за креаторите на политики. Ги сумира клучните наоди за распространетоста и длабочината на сиромаштијата кај корисниците на социјална заштита и дава препораки на национално и на локално ниво, како и диференцирани мерки за секоја целна група.
КОНФЕРЕНЦИЈА · 28–29 СЕПТЕМВРИ 2026
„Multidimensional Poverty: Measurement, Trends and Challenges“
Филозофски факултет, Скопје.
На конференцијата учествуваа околу 100 учесници кои, покрај авторите на трудовите, вклучуваа претставници на научно-истражувачката заедница во земјата, претставници на национални и меѓународни институции и организации, граѓанскиот сектор и други. Првичните резултати од овој проект беа презентирани на оваа меѓународна конференција. Дел од презентираните трудови ќе бидат објавени во списанието Ревија за социјална политика, кое го издава Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
КНИГА НА АПСТРАКТИ
Book of Abstracts: Multidimensional Poverty: Measurement, Trends and Challenges
Уредник: Маја Геровска Митев. Скопје: Филозофски факултет, 2026, ISBN 978-608-238-270-8.
ВО ПОДГОТОВКА
Научни трудови во завршна фаза
Просторно мапирање на повеќедимензионалната сиромаштија во Северна Македонија (во финализирање, за меѓународно рецензирано списание)
Детерминанти и животно искуство на повеќедимензионалната сиромаштија кај корисниците на социјална заштита (во финализирање, за меѓународно рецензирано списание)
Истражувачки тим
проф. д-р Маја Геровска Митев
раководител на проектот, Филозофски факултет, УКИМ
проф. д-р Светлана Трбојевиќ
Филозофски факултет, УКИМ
проф. д-р Сузана Миовска-Спасева
Филозофски факултет, УКИМ
доц. д-р Виктор Стојкоски
Економски факултет, УКИМ
м-р Стефани Јовческа
помлад истражувач


