Мисија, Визија и вредности
ЦГП е воспоставен со визија чија цел е поттикнување на истражувачките
потфати и негување на поширока меѓународна соработка за глобалните
прашања со исклучително значење.
Фундаменталната мисија на ЦГП е воспоставување на цврста и добро
структурирана рамка за тимска работа, во која ќе се создаде синергија на
целосниот академски потенцијал со кој располагаме како заедница. Нашата
аспирација е проширување на меѓународната соработка со нашите ценети
странски колеги и партнери, така подигнувајќи го квалитетот и влијанието на
истражувачките проекти.
ЦГП тргнува од фактот за итната потреба од проширување на истражувачкиот
фокус и аналитичките перспективи од досегашната претежно еднострана
географска и политика ориентација. Препознавајќи ја динамиката на
геополитиката на знаењето и на доминантната епистемологија која главно се
движи околу прашањата на евро-атлантските и европските интеграции, сега
се прави напор да се прифати поширока глобална перспектива.
На оваа критична точка на историјата, сведоци сме на сеизмички и
радикални трансформации на меѓународниот поредок, како и на
редефинирањето на сферите на интерес за глобалните сили. Ширум светот се
појавуваат нови облици и на конфронтација и на соработка. Во контекст на
ваквите глобални промени, научните работници мораат да ја преземат
улогата на авангардни мислители, посветени на разбирањето на светот и
создавањето на дух на заемно разбирање, инклузивност и критичко
мислење. Оваа заложба е есенцијална за остварување на глобалниот мир и
одржлив развој.
Веруваме дека и државите членки на НАТО, како и оние кои настојуваат да се
зачленат во ЕУ, можат само да имаат придобивки од длабоките промени кои
се случуваат во т.н. незападни делови на светот. Особено е значајна
потребата од поголем увид во различните перспективи и пристапите за
решавање на проблемите кога во фокусот се транснационалните закани за
човештвото, со примарен фокус на нуклеарната пролиферација и еколошките
предизвици.
ЦГП се држи до заложбата за истражување на нови теории и практики во
нашиот свет којшто така брзо се менува. Нашата мисија е во согласност со
идеалите истакнати во веќе постоечки проекти како оној за „Моделите на
светскиот поредок“ и сите останати кои упорно трагаат по праведен и
мирољубив глобален систем. Овој императив станува сè поургентен во
контекст на новите видови на војување, конфронтации и хибридни закани
кои бараат иновативна деконструкција и разрешување. Експоненцијалната
пролиферација на закани и ризици претпоставува целосно и критичко
преоценување на воспоставените парадигми. Оттука, нашата заложба е да се
вклучиме во интердисциплинарна соработка меѓу научни работници од сите
делови на светот, со надеж дека така ќе придонесеме за воспоставување на
структурирани патишта за континуиран дијалог и размена на идеи и визии за
нашиот заеднички дом, Земјата.
Во оваа прилика ги повикуваме нашите колеги од различни дисциплини и од
разните региони во светот да се поврзат со нас и да се обидеме да развиваме
заеднички проекти со цел да понудиме решенија за проблемите со кои сите
заедно сме соочени.
Принципи и вредности на ЦГП
ЦГП се заложува за негување на средина која поттикнува тимска работа и
соработка која ќе ги надмине границите на дисциплините и особено
геополитичките граници кои нè делат. Нашата почетна премиса е дека сите
сме, на еден или друг начин, „мислители од границите“ (border thinkers) кои
сакаат да ги надминат пречките кои ја делат академската и истражувачката
заедница.
Опсегот на нашиот интерес е сеопфатен, бидејќи ги опфаќа политичките,
социоекономските, културните, општествените и безбедносните прашања, за
кои сметаме дека се нужно поврзани едни со други. Акцентот го ставаме на
холистичкиот пристап преку кој ќе создадеме виртуелни и стварни форуми за
научен и експертски дискусии, доведувајќи ги заедно различните групи и
субјекти, а со единствена цел на подлабоко и посеопфатно разбирање на
нашиот мултиполарен свет.
ЦГП поддржува отворено и критичко размислување и анализи кои ќе
овозможат иновативни пристапи во разрешувањето на конфликтите,
дипломатијата и соработката. Она што нашиот Центар го разликува од
другите е интересот во следење на настаните во регионите и во светот, кои
се често маргинализирани поради доминантните прозападни перспективи.
Оттука, приоритет е да се поврземе со региони како што се Евроазија,
Блискиот исток, азиско-пацифичкиот регион, Латинска Америка и сл., а со
цел да ги премостиме разликите. Покрај тоа, нашето внимание излегува од
рамките на безбедносните прашања, а трага по целата слика на случувањата.
Во суштина, нашата цел е да ги подготвиме помладите колеги за еден свет во
транзиција, како и да ги екипираме со алатки на критичко мислење и
способност да се адресираат клучните проблеми на начини кои промовираат
позитивен мир и човечка еманципација на глобален план.
Во својата работа, ЦГП се придржува до принципите на академска етика,
недискриминација, како и посветеност кон диверзитетот, без оглед на
етничка, расна, политичка или идеолошка ориентација или културни
особености. Слободата на мислата и критичкото мислење се од суштинско
значење за нашата мисија. Членовите на ЦГП се посветени на принципите на
еднаквост и инклузивност, како и на желбата за создавање безбедна,
толерантна, афирмативна и позитивна работна средина.
ЦГП служи како јадро за практични и истражувачки ангажмани за студентите,
особено за оние кои се запишани на студиските програми на Филозофскиот
факултет. Исто така, ги поздравуваме и истражувачите и постдокторантите од
другите земји кои би сакале да го прошират своето знаење за Балканот и
сето она што го придружува. Во рамки на ЦГП тие можат да ги реализираат
своите магистерски и докторски истражувања, краткотрајни престои за
мобилност, соработка на проекти и сл.
Покрај нашите јавни и научни ангажмани, членовите на тимот на ЦГП се на
располагање и за давање консултантски услуги за заинтересираните клиенти,
од земјата и од странство.