ЗА НАС


Центарот за глобални промени (ЦГП) е истражувачка единица во рамки на Филозофскиот
факултет во Скопје. Иницијативата за негово основање беше започната во средината на
2022 година, а ЦГП беше целосно етаблиран во средината на 2023 година согласно
македонската легислатива и внатрешните акти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Потпирајќи се на богатата експертиза и академските достигања на членовите на
Филозофскиот факултет, а сметајќи и на поддршката на нашите странски колеги, членови
на Меѓународниот советодавен борд, примарниот фокус на ЦГП е на геополитичките
случувања, глобалното управување, меѓународните односи и меѓународната безбедност,
дипломатијата, надворешнополитичката анализа, истражувањето на мирот и
конфликтите, еколошката безбедност, енергетската безбедност, миграциите итн.
Почетните напори на ЦГП се на градењето на внатрешните капацитети и развивање на
академски односи со слични центри и институции ширум светот. Тргнувајќи од фактот
дека македонската академска заедница не е доволно поврзана со глобалните академски
кругови и иницијативи, првичната цел е развивање на партнерства и канали на соработка.
На тоа би требало да се надоврзат и да следуваат конкретни колаборативни активности и
проекти.
Опсегот на дејствувањето на ЦГП е широк и разновиден, почнувајќи од изработка на
апликации за истражувачки проекти и реализација на колаборативни истражувачки
зафати, со комбинација на сопствената експертиза и стекнување искуства и знаење од
меѓународната соработка. Нашата цел е изработка на аналитички извештаи, публикување
и дисеминирање на истражувачките резултати, организирање на тркалезни маси,
семинари и конференции. Нашите планови се со тек на време да основаме и научно
списание со отворен пристап.
Со цел обезбедување на транспаретноста во работењето и достапноста до сработеното,
ЦГП редовно ќе ги споделува информациите за својата работа и активности со
надлежните тела на Филозофскиот факултет и универзитетот, но и со пошироката јавност
преку разни канали, вклучувајќи ги и социјалните медиуми, класичните медиуми, но и
преку оваа интернет страница.