xiii-%d0%ba%d1%80%d0%b0%d0%ba%d0%be%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%be-%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d1%81%d0%be%d1%86%d0%b8%d0%be%d0%bb%d0%be%d1%88%d0%ba%d0%b8-%d1%81%d0%b5%d0%bc%d0%b8

ОД РИЗИК ДО ЗАКАНА. КОН НОВА СОСТОЈБА НА ОПШТЕСТВЕНИОТ ЖИВОТ
XIII КРАКОВСКО – СКОПСКИ СОЦИОЛОШКИ СЕМИНАР

На 16 и 17 мај 2024 година на Институтот за социологија при Јагелонскиот универзитет во Краков се одржа XIII Краковско-скопски социолошки семинар на исклучително значајна тема: Од ризик до опасност. Кон нова состојба на општествениот живот (From the Risk to Peril. Toward a New Condition of Social Life). После неколкугодишен прекин заради светската пандемија со Covid-19, возобновена е соработката на двата Институти за социологија која датира од 1979 година кога е одржан првиот Краковско-скопски социолошки семинар. На семинарот учествува проф. д-р Милева Ѓуровска, проф. д-р Ило Трајковски и проф. д-р Константин Миноски од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје и продеканката Наташа Станојковска Трајковка како претставник на Филозофскиот факултет.


На 16 мај 2024, Семинарот го отвори директорката на Институтот за социологија проф. д-р Марта Смагач-Позиемска која го изрази своето нескриено задоволство за продолжување на семинарот и им посака успешна работа на учесниците. Поздравно обраќање имаше и раководителот на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Константин Миноски, кој го пренесе задоволството од сите колеги за возобновувањето на семинарот и соработката со колегите од Краков. Продеканката за финансии проф. д-р Наташа Станојковска Трајковска го поздрави Семинарот во име на Филозофскиот факулет во Скопје и на колегите од Краков им ја подари Монографијата 100 години Филозофски факултет во Скопје1920-2020. Во оваа прилика беа прочитани и писма на проф. д-р Петре Георгиевски, проф. д-р Ѓорѓе Младеновски и беше проектирано видео обраќање од проф. д-р Марија Ташева од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, во кое се поздравува повторното одржување на Семинарот. На втората сесија од работниот дел на семинарот присуствуваше и прорекоторот на Јагелонскиот универзитет проф. Јарослав Гурњак (член на Институтот за социологија) кој се обрати на присутните и го поздрави семинарот и продолжувањето на соработката.


Утринската сесија беше посветена на 45-годиншната соработка на Институтите за социологија на Филозофскиот факултет при Јагелонскиот универзитет во Краков и на Филозофскиот факултет – Скопје при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Доајенот на полската социологија проф. д-р Мариан Ниезгода, почесен професор на УКИМ (Professor Honoris Causa) го презентираше заедничкиот труд со проф. д-р Петре Георгиевски (одликуван за заслуги од Јагелонскиот универзитет), еден од првите учесници на семинарот, во кој се даде историски преглед на формите и содржината на долгорочната научна соработка на членовите на двата институти во Краков и Скопје. Тој истакна дека 45-годишна билатерална научна соработка е голема реткост во светот на науката што го прави Социолошкиот семинар на Институтите за социологија во Краков и Скопје уникатен случај, а ефектите од првиот одржан семинар се чувствуваат до денес кога Семинарот прерасна во институција.


Во втората, попладневна, сесија се презентираа четири трудови. Ана Јастржебиец-Витовска и Пјотр Новак од Јагелонскиот универзитет во Краков, го презентираа трудот „Несигурна храна од самиот почеток: социјални, економски и политички ризици од кризата со млеко за доенчиња во 2022 година во Соединетите Држави. Константин Миноски, од УКИМ, го презентираше заедничкиот труд со Антоанела Петковска, Ило Трајковски и Михајло Поповски, „Довербата и ризикот во македонското и полското општество“ во кој се прикажаа компаративни резултати на различни форми на доверба и потенцијалните ризици од последниот бран на меѓународното истражување Европска студија на вредности (2017-2019). Александра Вагнер од Јагелонскиот универзитет во Краков ги презентираше своите размисли за „Родот во енергетска транзиција: коментари за предизвиците во Македонија и Полска“, додека Јустина Копчинска од Институт за социологија на Универзитетот во Варшава и од Институтот за социологија на Јагелонскиот Универзтите во Краков, го презентираше својот труд „Турбулентните времиња на дигиталната револуција како контекст за развој на општество на тензии“.


Во третата, попладневна сесија беа презентирани уште три труда. Ило Трајковски од УКИМ го презентираше заедничкиот труд со Константин Миноски, Антоанела Петковска, Михајло Поповски „Загриженоста на македонските и полските граѓани за другите во европска компаративна перспектива“ во кој, како и претходно, се прикажаа компаративни резултати на различни форми на загриженост на македонските и полските граѓани кон одредени категории луѓе, од последниот бран на меѓународното истражување Европска студија на вредности (2017-2019). Милева Ѓуровска од УКИМ, ги презентираше резултатите од своето истражување во трудот „Регионализација и децентрализација во Република Македонија: последиците од политичката интервенција“. На крајот, Марчин Лубас од Јагелонскиот универзитет од Краков го претстави својот труд „Одржување на границите и управување со конфликти: рефлексии за политиката на партизација.


После двете сесии се развија интересни дискусии во врска со теоретските и методолошките проблеми на трудовите ставајќи ги во фокус различните аспекти на довербата и ризикот во современите општества во транзиција кои искусуваат или трагаат кон нова состојба на општествениот живот.


На 17 мај 2024, во текот на вториот работен ден беше реализирано теренско патување до Даброва Тарновска оддалечена од Краков околу 100km, каде беа посетени Центарот за средби на култури и реконструираната синагога, а потоа беа посетени библиотеката, црквата и Етнографскиот музеј во Залипие. Имавме можност да се запознаеме културните обрасци на живеење во една рурална средина и особено, нивниот однос кон уметноста, односно традицијата на украсување на нивните домови, куќниот инвентар, со сликање специфични цветни мотиви.
Во оваа прилика сакаме да ја истакнеме особената заслуга на проф. д-р Пјотр Новак и проф. д-р Марчин Лубаш за продолжување на соработката помеѓу Институтите за социологија на Јагелонскиот универзитет во Краков и Институт за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и за успешното организирање на семинарот поставувајќи високи стандарди за идната соработка.

                       

20.05.2024, Скопје
За учесниците, проф. д-р Константин Миноски