д–р Драгослав Копачев
Проф. д-р Драгослав Копачев – доктор по медицински науки, професор на Институтот по специјална едукација и рехабилитација (во пензија). Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде го положил и лекарскиот стручен испит (1965), а специјалистичкиот испит го положил на Невропсихијатриската клиника на Медицинскиот факултет во Скопје (1972).
Едукацијата од психијатријата во развојната возраст ја објавувал во познати психијатриски институции во Белград, Загреб и Париз, претежно во Институтот за ментално здравје во Белград. Магистрирал во областа на социјалната психијатрија во Белград (1978). Во 1983 година се здобил со звањето примариус. Докторирал (1994) на Медицинскиот факултет во Скопје со докторската теза „Анксиозно -фобични манифестации кај децата од рана училишна возраст-придонес кон феноменологијата и утврдувањето на етиопатогенезата на овие манифестации“.
Во редовен работен однос на Институтот по специјална едукација и рехабилитација (во тоа време Институтот за дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје е од 2000 година. Предавал Невропсихологија со психомоторна реедукација и Медицински основи на хендикепираноста на матичниот институт, како и Детска и младинска психопатологија на Институтот за психологија.
Учествувал во проектите Психо-социјален и траума стрес-програм на СЗО за ментално здравје (Скопје,1997); Рано откривање и развојна стратегија за психосоцијална интервенција кај училишни деца со ризик (Скопје, 1999-2000); Едукативни и социјални активности со 20 деца од Заводот во Демир Капија, насочени кон деинституционализација; Бил координатор на проектот ХЛА-ДНК – испитување кај фамилии со деца со аутизам во Република Македонија; бил член на експертскиот тим при Владата на Република Македонија за преземање на проект за обезбедување услови и третман на деца со коморбидни пречки во развојот (2001).
Настапувал на многу домашни и меѓународни стручни собири; сите негови трудови се објавени во стручни списанија и зборници.
Од учебната 2005/2006 година е во пензија но повторно неколку години бил ангажиран на Филозофскиот факултет во Скопје како наставник по предметите Невропсихологија со психомоторна реедукација и Детска и младинска психопатологија.