Проф. д-р Наде Проева
(Ресен, 9 септември 1949 – Скопје, 6 ноември 2024)
Проф.д-р Наде Проева беше македонски историчар-класицист и редовен професор на Универзитетот
Св. Кирил и Методиј при Филозофскиот факултет – Катедрата за историја во Скопје од 1984 година
до нејзиното редовно пензионирање во 2015 година.
Родена е во Ресен на 9 септември 1949 година каде завршува основно и средно образование
(гимназија), а високото образование го продолжила на Универзитетот во Белград каде дипломирала
античка археологија (Филозофски факултет – Белград) во 1973 година на тема „Четири необјавени
доцноантички некрополи од околината на Прилеп“.
Истата година, од декември 1973 до март 1975 година работи како кустос во Народниот музеј во
Прилеп. Во јуни 1978 на Филозофскиот факултет во Белград го брани магистерскиот труд
„Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел на римската провинција Македонија“.Од 1979 до 1981 била на специјализација на Универзитетот Сорбона во Париз, каде се здобила содиплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија.
Во декември 1982 година на Филозофскиот факултет во Белград ја брани докторската теза:
„Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“. Од 1 март 1984 година е избрана за предавач на Филозофскиот факултет во Скопје (Институт за историја) за предметот Историја на стариот век, а од 1993 за доцент по предметот Историја на античките Македонци. Повеќе пати била на студиски престои во странство: во Вроцлав и Гдањск, Полска, Француска археолошка школа во Атина, Грција, Францускиот институт во Истанбул, Турција, Австриска академија на науките во Виена, Австрија, на универзитетите во Нанси и во Париз-Нантер во Франција и други. Настапувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија и Полска, а држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција и Холандија. Наде Проева беше уредник на две едиции: Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica (1.1 и 1.2) и Historia Antiqua Macedonica (HAM) за кои напишала предговори, забелешки, индекси и изработила карти). Во едицијата Historia Antiqua Macedonica таа објавува преводи на книги за историјата на античките Македонци, а книгата „Историја на Аргеадите“ (2004) е прв учебник за античките Македонци за студентите на Филозофскиот факултет (катедра за историја). Учествувала во археолошки ископувања на антички и средновековни локалитети во Македонија, Србија, Полска и Грција во проекти на Археолошкиот институт од Белград, на Македонската академија за наука и уметност (МАНУ), на Српската академија за наука и уметност (САНУ) и на Берлинско-Брандербуршката академија на науките (ББАН).
Како визитинг професор има одржано предавања на универзитети во Франција, Хрватска,Словенија
и Холандија. Активен работник за популаризација на историската наука со учество во бројни телевизиски и радио емисии, написи, прикази на книги и интервјуа во дневниот печат.
Добитник е на Орденот Витез на академските палми (Chavalier des Palmes académiques) од владата
на Република Франција во 1997 година.
Проф. д-р Наде Проева почина во Скопје на 6 ноември 2024 година.