За нас


Филозофскиот факултет e најстарата високо-образовна институција во државата, основан во далечната 1920 година, кој својата наставно-научна дејност во првата учебна година ја започнал со 10 наставника и 30тина студенти. Денес, Филозофскиот факултет е современ, интердисциплинарен факултет, сочинет од 12 институти од хуманистичките и општествените науки, со 106 наставници и околу 3000 студенти на сите три циклуси на студирање.

Наставата на Филозофскиот факултет се одвива во рамки на 12 институти – филозофија, историја, педагогија, социологија, класични студии, историја на уметност и археологија, психологија, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација, безбедност одбрана и мир, родови студии, семејни студии. Заклучно со учебната 2019/20 акредитирани се вкупно 19 студиски програми на прв циклус студии со 240 кредити, 34 студиски програми на втор циклус студии со 60 или со 120 кредити и 6 студиски програми на трет циклус студии со 180 кредити. Дипломите на сите три циклуси се широко признаени и овозможуваат продолжување на студиите на други универзитети во светот.

Покрај наставата, на Филозофскиот факултет има и развиена научно-истражувачка дејност. Во склоп на Факултетот постојат повеќе истражувачки центри, како Балкански Центар за проучување на мирот, Центар за образование и истражување, Анкетен истражувачки центар, Национален центар за континуирано образование за социјален развој, Центар за изработка и примена на тестови – Психометрика, Национален информатички центар за дефектолошки истражувања, Центар за едукациска поддршка на Ромите (ЦЕПОР), Центар за учебници по историја (ЦУИ), Центар за менаџмент на човекови ресурси, Центар за интеркултурни студии и истражувања, Центар за интегративна биоетика, Центар за доживотно учење. Исто, така Факултетот е издавач на 12 научни списанија кои имаат меѓународен карактер.

Филозофскиот факултет својата наставно-научна дејност ја вмрежува и во широко развиена меѓународна соработка. Филозофскиот факултет има 101 активен Еразмус договор со универзитети од Европа, учествува во 6 ЦЕЕПУС мрежи за универзитетска мобилност и има бројни билатерални договори со универзитети од светот. На Филозофскиот факултет се реализираат и голем број истражувачки проекти од меѓународен карактер. Факултетот е носител и партнер во неколку Еразмус проекти за стратешки партнерства во високото образование, партнер во проекти од програмата Хоризонти, ја реализира Европската судија за вредности за Македонија, член е во националната мрежа за Европското општествено истражување. како и голем број на проекти од билатерален карактер, во партнерство со меѓународните организации, како: Обединетите Нации, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), УНИЦЕФ, и сл.