Наука


Почетоците на науката и научните истражувања во национален контекст се нераскинливо поврзани со Филозофскиот факултет. Уште во далечната 1921 година на Филозофскиот факултет во Скопје формирано е „Скопско научно друштво“, со цел развивање на научно истражувачката работа. Во 1948 година се објавува првиот број на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет, првото научно списание во повоена Македонија, во кое за прв пат на македонски јазик се објавени првите научни трудови. Од тогаш па сѐ до денес, научниот придонес на Филозофскиот факултет е втемелен во севкупниот образовен, културен, економски и социјален развој на општеството.

Во духот на традицијата, научната дејност на Филозофскиот факултет и денес продолжува преку голем број научно издавачки и истражувачки активности. Покрај Годишниот зборник, кој во континуитет се објавува од 1948 година, факултетот издава уште 10 други значајни меѓународни научни списанија.

Научната инфраструктура на Филозофскиот факултет, до која имаат пристап студентите на сите три циклуси на студирање, исто така ја сочинуваат голем број на електронски бази на академски списанија и книги, како: ЈСТОР, АРТСТОР, Едвард Елгар онлајн, Ебско и други.

Развивањето на научно-истражувачката дејност на Филозофскиот факултет се одвива преку континуирано спроведување на истражувања, кои имаат и теоретски и апликативен карактер. Во состав на Филозофскиот факултет активни се 11 истражувачки центри, фокусирани на истражувања на специфични теми и проблематики од областа на хуманистичките и општествените науки.